Архивата на поранешен „Киро Ќучук“ сместена во велешкиот Архив
Сто четириесет архивски кутии и преку стотина регистри во кои е сместена целокупната документација од работењето на поранешната фабрика за цигли и градежен материјал „Киро Ќучук“, од денеска се сместени во депото на Архивот во Велес. Архивата на Киро Ќучук ја сочинуваат матичните книги на вработените, материјалите од одржаните седници на работничкиот совет, на управниот одбор како и одлуките на директорот.
Како дел од неа се и фотографиите на вработените, директорите и значајните моменти на фабриката за време на нејзиното педесет годишно работење.
„Во договор со стечајниот управник на Киро Ќучук како и со со сегашните сопственици на фабриката турската компанија „Еуробрик“ вложивме напори и ја превземавме документацијата. Цениме дека е сочувана во целост и ние сме горди што Архивот во Велес го збогативме со уште еден фонд. Особено затоа што документацијата е од „Киро Ќучук“ кој претставуваше бренд за Велес и од неа живееја над 500 семејства“, рече раководителот на подрачната единица на Државен архив Велес, Слободан Ников.
Откако ќе се среди и попише целокупната документација , таа ќе биде достапна до јавноста , особено на поранешните работници кои се уште имаат какви било проблеми со регулирање на работниот стаж.
„Оваа документација ќе остави трага за идните генерации дека во Велес, во изминатиот половина век постоела и работела таква фабрика. Од друга страна граѓаните кои имаат некакви проблеми во врска со стаѓот ќе можат да дојдат и да проверат бидејќи тука се наожаат платни списоци на вработените, М4 обрасци, ЕВТ картони, и нивните досиеја“, рече Ников.
Во депото на Архивот во Велес се наоѓа архивата на речиси сите поранешни фабрики кои отишле во стечај./Д.С