Наместо метални столбчиња сега шила го попречуваат сообраќајот на улицата „Никола Оровчанец“
Наместо да се извадат од бехатон плочките само е исечен горниот дел од металните столбчиња пред новата зграда на улицата „Никола Оровчанов“ преку која се влегува во населбата Дворови. Така им наложи општината и издаде решение за отстранување на станарите во зградата. Металните „пе“ столбчиња кои сега по сечењето наликуваат на шила и понатаму ја стеснуваат улицата и оневозможуваат нормален проток на возила и граѓани.
Жителите кои живеат непосредно околу зградата како и оние на четирите споредни улици и на двете главни, „Никола Оровчанец“ и „Благој Нечев“се жалат дека низ улицата не може да помине поголемо возило а камоли Брза помош или пак цистерна на противпожарна единица. За нив овој пролаз е единствениот влез и излез од населбата. Таму сеуште се паркираат возила и на двете страни од улицата на која една недела стои знакот за забрането паркирање.
Поради не почитување на решението на општината и поставените знаци за забрането паркирање група граѓани со писмо бараат помош од претседателот на урбаната заедница, Јованче Симсаров. Го прозиваат и бараат да ги информира за одговор од градоначалникот Славчо Чадиев на писмо што ветил дека ќе му го испрати. Воедно го прашуваат што ќе се случи ако на улицата пред куќите и тие постават колци и узурпираат државна земја.
„Се надеваме дека во иднина ќе застанете на наша страна и ќе ни помогнете во решавањето на овој проблем и дека како претседател на нашата урбана заедница ќе ги известите надлежните служби дека не треба граѓани да узурпираат јавна површина,“ пишува во писмото на граѓаните до Симсаров.
Инаку на нашето прашање до општина Велес дали ќе бидат превземени мерки за целосно отстранување на металните столбчиња од пред зградата на почетокот на улицата „Никола Оровчанец“, Мартин Мајсторов рече:
„Општината ќе испрати инспекција за да констатира каква е сега состојбата на улицата на која минатата недела беа поставени знаци за забрана на паркирање во тој дел на центарот на градот како и што е реализирано од решението што го издадовме на станарите на зградата,“ рече Мајсторов.
Според него Општината останува на одлуката за целосно вадење на металните столбчиња од бехатон плочките пред самата зграда. Мајторов не потенцираше кога ќе се случи тоа./Д.С