Нема бесплатна обука за обезбедувачи за невработени со осмо одделение, се жалат заинтересирани велешани
Неколкумина невработени велешани се чувствуваат дискриминирани и реагираат на необјавениот јавен оглас за бесплатнатта обука од областа на обезбедувањето на Агенцијата за вработување. Тие се социјални случаи, корисници на парична помош од државата и ги има во евиденцијата на Центарот за вработување во Велес. Овие граѓани прашуваат зошто огласот не е закачен на огласната табла во дворот пред самиот влез на институцијата и на тој начин не е направен достапен за сите заинтересирани граѓани. Втората нивна забелешка се однесува на еден од условите во објавениот јавен оглас поточно на бесплатната обука преку која се стекнува лиценца за обезбедувач да се пријат заинтересирани невработени лица со завршено најмалку средно образование.
„Агенцијата има законска обврска да го направи достапен огласот за сите невработени граѓани. Но, јавниот оглас го нема на огласната табла на Агенцијата во Велес. Второ што сакам да прашам е зошто обуката можат да ја посетуваат невработени кои имаат завршено најмалку средно образование. Јас немам средно но сум служел војска и сум ја исполнил граѓанската обврска кон мојата татковина. Сметам дека кондиционо и психофизички ги имам сите предиспозиции да станам обезбедувач. До сега тоа не сум го сторил иако професионално сум сакам да бидам дел од таа професија. Парите, поточно 18 илјади денари што ги немам ме спречувале да посетам обука и да се стекнам со лиценца за обезбедувач,“ рече Дејан Симонов.
Останати заинтересирани граѓани за бесплатната обука, кои не сакаа да им биде откриен идентитетот, рекоа дека тие не но, Симонов бил во предност да ја дознае информацијата бидејќи таа била кажана само на презентации што се случиле во велешката Агенција за вработување и тоа пред тесен круг на луѓе. Сите сакаат да ја посетат обуката но биле лимитирани поради образованието.
Од Агенцијата за вработување на Македонија пак велат дека не станува збор за сокриен јавен оглас затоа што го има објавено на нивната интернет страница и бил објавен во два дневни весници. Директорот Влатко Попов рече дека спорниот услов за оваа категорија на невработени граѓани не го пропишала Агенцијата туку произлегува од Законот за обезбедување.
„Ние само посредуваме на иницијатива на Комората за обезбедувачи. Не станува збор за никаков скриен оглас затоа што ги исполнивме барањата на Комората со тоа што и во моментов на веб страницата огласот постои и е видлив за сите заинтересирани невработени лица во државата. До овој момент на јавниот оглас, што трае, до крајот на месецов се пријавени 16 кандидати. Тие треба да ги исполнат сите услови пропишани во јавниот оглас. Особено е важен документот лекарско уверение. Откако невработените ќе конкурираат потоа ќе биде направена селекција што заначи дек Комората на обезбедувачи ќе ја донесе конечната одлука,“ рече Попов.
Сепак за заинтересираните велешани симптоматично е што само дваесетмина невработени во цела држава ќе го остварат право да не платат и да добијат лиценца за работа. Дел од нив потенцираа дека немаат компјутери и интернет како ни пари да купуваат дневни весници за да можат да ги следат вака објавените огласи за обуки и за работа. Тие побараа сите објави да се закачуваат на огласната табла на Агенцијата во Велес бидејќи само така секојдневно можат да бидат најдостапни за невработените./У.Ј