„Протестирам“: Законите да важат подеднако и за граѓаните и за политичарите
Граѓаните поддржувачи на граѓанската иницијатива „Протестирам“ и вечерва се собраа кај фонтаната спроти Авона. Нивната протестна поворка тргна по стандардната маршута на движење по главната градска улица „Благој Ѓорев“ се до плоштад „Сармаале“. Во неа беа стотици незадоволни граѓани, од како што велеа, последните политички случувања во Македонија. Сите тие гласно ги извикуваа паролите „Нема правда, нема мир“, „Уаа апаши“ , „Оставка“, „Готово е Никола“, „Поддршка за СЈО“ и други.
„Сакам да им се заблагодарам на моите сограѓани за нивната несебична поддршка, за тоа што постојано, секојдневно излегуваат и не поддржуваат. Тоа гласно извикување е демократски начин на искажување на револт, несогласување со актуелните политички случувања и потврда дека има критична маса која не се сложува дека Македонија треба да биде земја во која политичарите можат да прават што сакаат и за нив да не важат законите. Ние бараме законите да важат подеднакво и за работниците и за политичарите поточно секој да биде изнесен пред лицето на правдата. Македонија не е подготвена за избори кој треба да се случат на 5 јуни па затоа како граѓани имаме право да се спротивставиме на таа идеја. И не сме малку, не има многу, стотици илјади во нашата држава кои мислиме поинаку од актуелната власт и имаме аргументи да се спротивставиме. Со нас е и госпоѓата која иако е изнемоштена од болеста со помош на помагало чекори секоја вечер во нашата граѓанска поворка. И секоја чест на нејзината поддршка. Нека ја следат утре останатите наши сограѓани,“ рече Игор Костовски од „Протестирам“.
Од ова граѓанско движење соопштија дека со протестите во Велес продолжуваат и утревечер за кога на зборното место Авона ќе се чекаат во 18 часот./У.Ј