ГДОМ:Опозицијата сака да ја оцрни партијата која докажа дека просперитетот на Македонија и е на прво место
На контрапротест и вечерва излегоа поддржувачите на Граѓанското движење за одбрана на Македонија во Велес. Пред насобраните граѓани говореше директорката на Народниот музеј, Елица Николова. Таа рече дека граѓаните наместо во добро расположение да ги прославуваат верските празници тие се принудени на овој начин да се изборат за слободна и просперитетна Македонија. Преку својот говор побара граѓаните да излезат на избори на 5 јуни и да го дадат својот глас за оние политичари на кои најмногу им веруваат.
„И покрај вековното ропство македонците верни на својата традиција и култура и со заслугата на бројните револуционери преку својата саможртва, успеале секогаш да ја држат будна желбата за своја слобода и за своја држава. Конечно за да опстојат после долги борби и откажувања, пред 25 години да основаат своја сопствена држава и денеска некои македонци кои се несвесни за состојбата во кои Македонија и светот се наоѓаат, и нанесуваат штета на македонската кауза дома и во светот. Наместо да се свртиме кон надворешните непријатели кои за жал македонската држава се уште ги има, упорно и покрај сите опасности кои ја демнат Македонија, опозицијата при големата желба за власт, која се плаши дека не може да ја добие на демократски избори, на секаков начин се обидува да ја оцрни партијата која докажа дека просперитетот на Македонија и е на прво место“, рече Николова.
Како човек од културата Николова во својот говор се осврна на сквернавењето на спомениците и ги осуди како што рече вандалските чинови, бидејќи според неа спомениците, независно од кого биле поставени веќе станале дел од културното наследство.
Контрапротестот на ГДОМ се одржа во центарот на градот пред просториите на О:К. на ВМРО ДПМНЕ./Д.С