ГДОМ и вечерва со контрапротест во Велес
Во маички на кои имаше испечатено „Не ме фарбај“ и ликовите на македонските револуционери, Питу, Делчев, Сандански, вечерва беа облечени дел од поддржувачите на Граѓанското движење за одбрана на Македонија. Тие заедно со останатите со едноминутно молчење им оддадоа почит на борците кои го дале својот живот за Македонија. И вечерва на четиринаесетиот ден од контрапротестите говореше претседателот на Здружението на пензионери Веле Алековски кој рече дека не ги забораваат македонците кои храбро се бореле за слободата на оваа држава, за разлика од „другите“ кои имале деменција.
„Ние никогаш не ги забораваме личностите од нашата историја и затоа ќе им оддадеме почит со едноминутно молчење. Почит ќе му оддадеме на Крали Марко кој загинал на 17 мај 1395 година во составот на отоманската војска како вазал но со тоа сакал да му докаже на султанот дека ги бранел своите браќа христијани“, рече Алексовски.
Пред поддржувачите на ГДОМ вечерва се обрати велешанката Билјана Балова Настевски.
„Драги наши македонци. И вечерва по којзнае колку молитви трњето глогово останува во нашите срца. Трњето израснато во нас од неспокојот на големите сили, од тоа глобално насилничко племе што жедно ја чека нашата крв, сака да не распне во лаворот на нашиот Јуда од Муртино. Сака да ја распне македонштината и да остане само прашина. Како оружје користи дел од нашата академска фела, која што наместо да го шири миротворието, бесрамно бара да паднат жртви“, рече Балова Настевски.
И вечерва контрапротестот се одржа во центарот на градот пред просториите на О.К. на ВМРО ДПМНЕ./Д.С