Дебата во Велес: Кога попис и како до регуларен избирачки список ?
НВО Инфо центарот, Македонскиот центар за образование, Центарот за развој на медиуми подолго време се обидуваат да ги анимираат граѓаните за потребата од одржување на попис во Македонија. Истото важи и за избирачкиот список кој што во последно време е актуелна тема како дома така и во странство. Затоа овие граѓански здруженија во последно време организираат дебати во градовите низ државата. Таква дебата денеска се одржа во Велес на која присуствуваа претставници на Граѓански здруженија, обучени попишувачи од изминатите циклуси за спроведување на попис на населението, како и граѓани заинтересирани за оваа тема.
Се она што се случуваше во изминатиот неколку месечен период кога беше формирана нова Државна изборна комисијаи процес на прочистување на избирачки список, уште повеќе ги актуелизираше темите за кои Билјана Бејкова од НВО Инфо центарот смета дека е недозволиво Република Македонија да се наоѓа во групата на земји заедно со Сомалија и да нема направено попис повеќе од една деценија.
„Сосема сме свесни дека пописот во овој момент не може да се организира од проста причина што за попис според сите меѓународни стандарди за организирање на попис се потребни од година ипол до две години. Но од друга страна мораме да се подготвуваме и да се движиме во таа насока штом добиеме нова влада на нови демократски и фер избори, еден од приоритетите на таа нова Влада ќе биде пописот. Што се однесува пак до избирачкиот список гледавме дека ДИК не профункционира како стручна професионална и независна институција туку дека е постојано предмет на политички притисоци, трговија итн. што во суштина придонесе граѓаните повторно да немаат доверба кон комисијата и уште помалку доверба во избирачкиот список. Начинот на кој штро се спроведе прочистувањето на избирачкиот список придонесе не само да не бидат избришани туку и да се додатат фантомски гласачи“, рече Бејкова.
Таа додаде дека тоа што граѓаните гледаа како членовите на ДИК се надгласуваа при утврдувањето на бројките кога расправаа за наводно прочистениот избирачки список на начин кој не беше транспарентен, регуларен и јасен дополнително ја зголеми недовербата кај граѓаните. Тие не веруваат дека добија кредибилен прочистен список а тоа значи дека уште поголема е потребата од учество на граѓаните и соопштување на граѓанските ставови и размисли токму на вакви и слични собири и дебати. Бејкова смета дека затоа е потребна активна регистрација на сите граѓани и подготовка на комплетно нов избирачки список како и целосно средување на базите на податоци во државата, откако беше востановено дека се неажурирани, нерелевантни и тешко се вкрстуваат меѓусебно. Нејзиното мислење го дели и Бојан Маричиќ од Македонски центар за европско образование.
„Во услови кога општествената и политичката состојба е нестабилна овие прашања остануваат високо на политичката агенда на која било Влада. Сите експерти и политичари со кои разговаравме за време на студијата укажаа на тоа дека постои релација помеѓу пописот од една и избирачкиот список од друга страна, таа не е неопходно поврзана но во идеалниот свет прво ќе мора да се направи попис и врз база на тоа да се разгледуваат податоците за избирачкиот список, и при тоа основните бројки во пописот да бидат појасно утврдени.“, рече Маричиќ.
Тој пред присутните граѓани на дебатата во Велес ги соопшти клучните експертски препораки од спроведеното истражување како што се задолжителната активна регистрација на секој граѓанин и целосното теренско ажурирање кои од една страна ги содржат теренските проверки за да укажат на сите аномалии при регистрирањето на гласачите како што се постоечки и непостоечки влезови во колкетивни станбени објекти , гласачи со двојни адреси на живеење, со повеќе лични карти, луѓе отселени во странство кои подолго време не се во државата но се во избирачкиот список и можеби гласале без да знаат и др. Втора значајна препорака е улогата на ДИК во изборниот процес која граѓаните ја сметаат за клучна институција кога е во прашање ажурирањето и контролирањето на сите акттивности поврзани со избирачкиот список. Трета и многу значајна препорака за Маричиќ е укажувањето на Хрватската организација „Гонг“ за транспарентност во увидот на избирачкиот список, лесна достапност и контрола од јавноста и постоење на мешовити комисии за контрола на избирачкиот список составени од експерти, претставнии на политички партии, професори од академската заедница, претсавници на граѓански Здуженија, новинари итн.
На дебата граѓаните ги соопштија своите ставови и погледи за кои мсетаат дека се исто така значајни во постапката на евидентирање на гласачкото тело, транспарентност на процесот и утврдување на што подобри методи и активности со кои би можел да се врати кредибилитетот на институциите и вербата во прочистен избирачки список. Сите тие очекуваат наредните избори во државата да бидат фер и регуларни./Д.С