Ограбен банкомат на Комерцијална банка во Велес
За над четириесет и една илјади евра е олеснет банкоматот на комерцијална банка, лоциран на улица Благој Ѓорев бр. 96 во Нова Населба во Велес. Грабежот се случил ноќеска кога непознат сторител со употреба на сила и подесен алат насилно ја отворил влезната врата на трговскиот објект на кој се наоѓал банкоматот. Откако влегол во објектот, кој е продажен центар со штандови, крадецот повторно со подесен алат насилно го отворил сефот од банкоматот и ги земал трите касети во кои според полицијата имало вкупно 2.530.500 денари. Грабежот во Секторот за внатрешни работи бил пријавен утрово во 4.30 часот. Увид на лице место е направен и се преземаат мерки за расветлување на случајот.
Инаку веднаш до банкоматот во сопственост на Комерцијална банка се наоѓа и банкомат на Халк банка но крадецот се дрзнал да го ограби само тој на Комерцијална. Не е украдена ниту стока од штандовите во трговскиот објект. Сопствениците на штандовите биле изненадени кога рано утрово околу 4 часот им се јавиле соседите од киоскот и ги информирале дека влезната врата на објектот е отворена./Д.С