Општина Велес должи 62 милиони денари, обвини опозицијата а градоначалникот се брани со сметката што ниту еден ден не била блокирана
Општина Велес досега со најголем долг во висина од 62 милиони денари, обелодени денеска опозицијата. Долговите на општината континуирано се зголемувале, опозицијата тврди дека до крајот на минатата година долгот на општината изнесувал 49 милиони денари. Лани за првиот квартал општината имала доспеани и неподмирени обврски во висина од 29 милиони денари, додека за истиот период годинава тој долг изнесувал над 62 милиони денари. Наспроти долгот општината за истиот квартал имала приходи од 50 милиони денари. Опозицијата обвинува дека капиталните приходи на општината се на најниско ниво од само 6 проценти, додека вкупните приходи биле реализирани со 12 проценти.
„Нема инвестиции во многу активности кои значат развој на општината, како што се капиталните трошоци на општината со само 2% реализација, урбанистичкото планирање со само 6% реализација, уредувањето на градежното земјиште – капитални трошоци со само 4% реализација, изградба на комерцијални објекти со само 3% реализација, проекти за енергетска ефикасност со 0% реализација, изградба на сообраќајна сигнализација со 0% реализација, изградба на системи за водоснабдување со 0% реализација, спорт и рекреација – капитални трошоци со 0% реализација, заштита на животната средина и природата – капитални расходи со 0% реализација, социјална заштита и заштита на деца – капитални расходи – 0% реализација, противпожарна заштита – капитални расходи со 0% реализација, образование – капитални трошоци со 0% реализација“, рече претседателот на О.О. на СДСм Велес, Панче Иванов.
Според СДСМ ваквите поразителни податоци се резултат на погрешните политики на градоначалникот од ВМРО ДПМНЕ Славчо Чадиев.
Градоначалникот Чадиев категорично ги одби обвинувањата на СДСМ за кои смета дека се само продолжување на нивните катастрофални политики. Според него тие се обидуваат да го прекријат сето она што било сработено во Велес. Тој рече дека откако станал градоначалник ниту еден ден сметката на општината не била блокирана.
„Ќе ги упатам да ја погледнат реализацијата на првиот квартал во општина Струмица и нека направат споредба, ако нечини таму тогаш нечини ни во Велес. Граѓаните сами ќе оценат дали се работи или не се работи во Велес. Пред мене се и дневните извештаи за финансиската состојба на општина Велес од првиот ден кога станав градоначалник. Ниту еден ден општина Велес нема негативно салдо на сметката. Сметката на општина Велес не е блокирана ниту еден ден. Тоа го знаат и советниците и господинот Панче Иванов дали не се реализирани обврските навреме“, рече Чадиев.
Според градоначалникот општината работи според програмите и предвидената динамика./Д.С