Првообвинетиот Петровски не го донесоа од Идризово во велешки суд на повтореното, петто, судење за случајот Ореше
Се одложи повтореното судење за случајот Ореше во Основниот суд во Велес . Од скопскиот затвор Идризово, каде издржува казна за друго сторено кривично дело, во судница во Велес не стигна Ѓоре Петровски. Тој е првообвинет за убиството на старецот Лазо Милошевски од велешкото село Ореше. Затворот денеска немал слободно возило за да го донесе Петровски на судењето што требаше да започне по петти пат откако четири пати претходно Апелациониот суд во Скопје ја укинува пресудата за овој процес.
Адвокатот Звонко Давидовиќ, бранител на второ и трето обвинетите за извршување на убиството на Милошевски, браќата Ордан и Љупчо Ѓоргиевски, изјави дека очекува овој процес да оди во недоглед затоа што не постоел доказ со кој може да се докаже вината на обвинетите.
„Ништо ново нема во предметот што се води веќе осма година. Трагично е што судството е доведено до дно. Свесни сте за состојбата, за критиките и се што е поврзано со работата на судовите. Апелациониот суд уште првиот пат им кажа заштитениот сведок, сеедно која негова изјава ќе се цени , тој не е валиден сведок затоа што не ги видел настаните туку раскажува за тоа што некој му пренел. За второ и трето обвенетите нема парафинска ракавица, нема отисоци и нема никаков доказ. Од тие причини судот ќе мора да ги преоцени сите докази но и правилно да размислува за нив, што истите значат. Ова го кажувам затоа што досега во пресудите беше пишувано дека тие и тие, има такви и такви материјални докази и виновни се. Но, Апелациониот суд вели дека според тие докази не може да се оцени дека токму осудените се виновни. Затоа овој, четврти пат, ја укина пресудата на Основен суд Велес со точни напатствија. Со една реченица не е утврдено дека обвинетите се виновни ,“ рече Давидовиќ.
Со оваа изјава на бранителот на обвинетите нарачател и извршители на убиството на старецот Лазо Милошевски не се сложи неговиот син Ацо. Тој смета дека затоа што не бил во финансиска можност да ангажира бранител се изместувале утврдени факти во судската постапка.
„Сакам да кажам дека кога јас го разгледав донесеното судско решение со КП број 752 од Апелацискиот суд во Скопје се изненадив што не важат ни аргументите на Јавното обвинителство во Велес и Скопје ниту моите докази. Посочено е дека јас и првообвинетиот сме биле пријатели. Сега топката се префрла на сосема други моменти. Сакам да кажам дека изјавите на адвокатот Звонко Давидовиќ се многу контрадикторни и немаат тежина. Не се согласувам дека убиството на татко ми не треба да се поврзе со случката од 1995 година кога јас и мојот убиен татко бевме осомничени дека сме се обиделе да го убиеме Петровски. Тогаш бевме на детектор на лаги и се утврди дека ние ја зборуваме вистината дека не бевме тие кој пукаа во него. Исто така постои и втор момент, за мене многу значаен, а тоа е пукањето со огнено оружје во мојот автомобил марка фико веднаш штом Петровски замина за Америка. Исто и тогаш беше пукано со два куршуми од кој вториот го најдоа забиен во бандера покрај која беше паркирано возилото. Трето е тоа што ми го обесија загарот, недолжно животно, и исто така не се откри кој го сторил тоа,“ рече Ацо Милошевски.
Почетокот на повтореното, по петти пат, судење за случајот Ореше денеска беше презакажано за 6 јули, годинава. За истиот предмет, претходно, судот во Велес едно по друго донесе две осудителни потоа една ослободителна и пак осудителна пресуда. Досега сите ги укина скопска Апелација. Инаку според закон, апелација има и можност и обврска да одлучи мериторно, да отвори претрес и да го заврши случајот, но тоа досега не се случи./У.Ј