Четворица први магистри за квалитет на храна и нутриционизам на технолошко-технички факултет во Велес
Се поголемата зависност кај децата од брза храна и нивното нагло дебелеење ја натерало докторката специјалист по школска и училишна медицина Розита Јакимоска Јорданоска од Прилеп да направи нешто и да им помогне на овие деца. И покрај триесет годишното работно искуство таа се запишала на магистерски студии за нутриционизам при технолошко-техничкиот факултет во Велес. Решила со совети за здрав и безбеден начин на исхрана да ги насочи децата кон правилен развој. На денешното доделување на дипломите во Велес таа со гордост истакна дека и покрај макотрпната работа и учење е горда што барем на овој начин ќе им помогне на децата од школска возраст да се тргнат од лошите навики и правилно да се исхрануваат.
„Триесет години работам во превентива и многу вложив во децата од школската популација со која што работам и во текот на моето работно искуство согледав дека децата стануваат се позависни од храната и се се подебели и тоа ми даде идеја дека треба нешто да се превземе за овие деца бидејќи тие се нашата иднина. Јас сум меѓу првите запишана на овој смер и морам да кажам дека со голем ентузијазам, елан и оптимизам го завршив се со цел да им помогнам на децата да научат здраво да се хранат. Сега им делам совети, разговарам со нив и можам да кажам дека веќе имам резултати, што навистина ми е многу драго“, рече д-р Јакимоска Јорданоска.
Доктор Розита е една од четворицата магистранти на кои денеска свечено им беа доделени дипломите. Дипломи им беа доделени и на педесет и тројцата студенти од четвртата генерација кои завршија на насоките прехрамбена технологија и биотехнологија и нутриционизам. Деканката на факултетот Валентина Павлова вели дека вакви кадри се крајно неопходни на пазарот на трудот.
„Нашите истражувања покажуваат дека вакви кадри и текако се потребни на пазарот на трудот бидејки не се само за контрола на квалитет на храна туку и за развој на нов производ . Особено насоката нутриционизам е потребна за формирање на мени во градинки, старски домови, различни здравствени установи бидејќи пациентот се третира поединечно“, рече проф. др. Павлова.
Доктор Розита, сега веќе и дипломиран нутриционист од годинава има можност да се запише и на докторски студии во технолошко-техничкиот факултет во Велес, бидејќи од неодамна го доби решението за трет циклус, односно за докторски студии./Д.С