Од лизгава мрсна локва на улицата под Којник ќе загинеше девојка
Ќе загинеше денеска девојка од Теќе кога со својот моторцикл налета на леплива маслена површина на последната угорнина на улицата „Васил Ѓоргов“ пред плоштад Којник во Велес. Девојката вели дека имала среќа што моторциклот го возела со мала брзина, под пропишаната според сообраќајните прописи за градско возење, додека возела надолу кон работа . Кога навлегла на големата масна површина на коловозот таа реагирала брзо но не успеала да се одржи на моторциклот туку паднала а потоа се лизгала до ивицата на улицата се до провалијата на местото викано Дол.
„Ќе загинев ако не успеев да го контролирам лизгањето по асфалтот. За конец се спасив од провалијата во долот. Се здобив со набиеници, наглечувања и крвни подливи по целото тело. Имам неподносливи болки и покрај тоа што во болница ми ги санираа повредите. Моторот и гардеробата ми се целосно уништени. И по десет часа од повредите целата се тресам. Не можам да сватам како може граѓаните кои имаат таму куќи да ми соопштат дека јас сум била четврта што сум се повредила а да не превземат ништо за првично да го одбележат местото како опасно, како може екипа на комуналното претпријатие да излезе и со шмркови и вода да се обиде да го испере маслото, како може никој од институциите да не реагира навремено,“ рече вознемирено Пандорка.
Таа ќе бара одговорност од сите кои се надлежни за безбедноста на пешаците и возачите на улица. Според искази на жители на оваа улица, Пандорка во 8 часот утринава, била четврта жртва. Претходно уште тројца граѓани се повредиле на сличен начин. Неразбирливо е како екипа на комуналци прво се обидела со вода да го измие местото на коловозот. Тоа ги предизвикало несреќите на граѓаните па дури потоа била истурена песок.
Станува збор за фрекфентна сообраќајница во градот која води кон плоштад Којник и единствена по која со возило или моторцикл може да се стигне до месноста Теќе. /У.Ј