Шарената револуција од Велес и порача на власта „Ќе има правда, ќе има мир“
„Шарената револуција ќе го зададе финалниот удар за поразот на Никола Груевски, кога ќе ја изгуби власта ќе ги изгуби и институциите кои се под негово раководење. Тоа значи дека тој што се огрешил пред законот па макар бил и Никола Груевски ќе одговара и ќе лежи во затвор, ќе ги врати сите пари до денар украдени од овој македонски народ“, порача од Велес Тања Ковачев од Скопје, член на извршен одбор на СДСМ.
,Сакам да знаете дека политичарите во оваа држава еднаш ќе почнат да одговараат , ќе бидат еднакви пред законот и секој оној кој што направил криминал ќе одговара . Нема спас за криминалците, нема спас за убијците, нема спас за рекетарите, нема спас за фалсификаторите. За никој во оваа држава кој што е криминалец нема пазарење“, рече Ковачев.
Од Велес Ковачев и порача на власта дека народот не се плаши од никакви информативни разговори ниту пак од полициски приведувања, заедно се за секој шарен револуционер, рамо до рамо и порача дека ќе има правда, ќе има мир.
Велешанецот Јован Јовановски кој секогаш ја предводи колоната демонстранти во Велес вечерва ги охрабри своите сограѓани, особено младите, да и се приклучат на Шарената револуција за да и ја вратат демократијата на Македонија. Тој им кажа на велешани зошто протестира.
„Протестирам затоа што Никола Груевски ги избрка моите другари од градот. Не само мои другари, туку и наши сограѓани, ваши деца и ваши внуци. Заминаа во прекуокеанските земји а некои да рабпотат и на бродовите. Замислете по 16-17 часа работат на тие бродови, без слободен ден, додека оваа Влада си е во свој филм, со мерцедес од 600 илјади евра. Очилата на премиерот Груевски чинат 60 илјади долари, какви се тие очила и што во нив гледа Никола Груевски. Околу 70 велешани лани го напуштија Велес, за да заработат во Германија а потоа да си го повлечат своето семејство“, рече Јовановски.
Пред велешани се обрати и адвокатот Филип Зафиров. И тој рече дека граѓаните сплотени од 25 града ќе протестираат низ улиците се додека не ја вратат слободата во државата.
„Пробаа да не заплашуваат, да с е закануваат и да притвораат, затвораат студенти, казнуваат професори, прераспределуваат луѓе од еден град во друг но и самите знаат дека нема да им успее. Тука сме посплотени одсекогаш, секојдневно ја бараме и ќе ја бараме правдата. се додека не ја добиеме“, рече Зафиров.
Дваесети и втори ден шарената револуција протестира низ улиците на Велес и тоа ќе го прави се додека не се исполнат барањата, созадвање услови за фер и демократски избори, прочистување на избирачкиот список, слободни медиуми, целосно укинување на аболицијата и произнесување на Уставен суд околу законитоста на Специјалното јавно обвинителство./Д.С