Оригинална фотографија пред првото минување на воз по железен мост во Велес
Деновиве, додека истражував за сосема друга тема, сосема случајно наидов на фотографија што во Велес била направена пред неполни деведесет и две години. Тоа е фотографијата што е составен дел на овој мој текст и на неа се прикажани видни личности кои во месец ноември, во 1924 година, гордо стоеле на штотуку изградениот железен мост над реката Вардар во моментот кога по железничката пруга за прв пат минувал воз. Така тогаш била пуштена во сообраќај новоизградената железничка пруга Велес-Штип.
Според тогашните прописи при пуштање во сообраќај на мостот, на него морале да бидат главниот проектант, инженерите, изведувачите, градоначалникот и сите други одговорни лица ангажирани за време на изградбата на мостот. Сите тие на мостот стоеле се додека не поминала локомотивата и сите вагони што таа ги влечела. Секако дека биле во очекување на одлуката со која требало да се соопшти на граѓаните дека мостот е добро изграден. Тоа се случило но,откако железничката композиција го поминала железниот мост во Велес.
И потоа во градот се одржала голема свеченост на која покрај таткото на градот, одборниците и повеќе видни велешани присуствувале и првите луѓе на тогашните министерства како и градоначалниците на Штип и другите општини што железничката линија ги поврзува. Во некоја друга пригода штом го завршам истражувањето ќе ви напишам текст во кој ќе можете да ги прочитате сите што се залагале и успеале во намерата да биде изградена железничката пруга што преку Велес ја поврзала централна со источна Македонија. Ќе ви ги соопштам и имињата на луѓето што стојат на оваа фотографија пред железничката композиција.
Да додадам уште ова, дека според тогашните закони доколку железен мостот не бил изграден по прописи и потклекнал од тежината на возот тогаш со уривањето животот ќе го изгубеле сите оние што го проектирале, граделе, па и оние што ја порачале изградбата.
Стоилко Андреевски