Масовно умираат кучиња во Велес
Чудна и несекојдневна појава кај кучињата скитници се случува деновиве во Велес. По крварење од нос и крвава столица за кратко време кај нив настапува смрт. За само десетина дена умреле петнаесетина кучиња во градот. Од Здружението за заштита на животни „Гласот на животните“ велат дека не знаат кои се причините за смртта кај кучињата бидејќи направените анализи и испитувања во Скопје биле негативни. Покрај бездомните кучиња смртно страдале и неколку кои биле згрижени како домашни миленичиња.
„Навистина не ни е јасно од што умираат кучињата и тоа за толку кратко време. Мора да е нешто во водата, воздухот, или некакво труење со храна. Можеби има некоја токсична супстанца во тоа што го прскаат против комарци и не им одговара. Но тоа се само претпоставки, вистинските причини не ги знаеме“, рече Виктор Мазнев од Здружението за заштита на животни.
Од Здружението со апел до сопствениците на кучиња, да не ги шетаат по високи треви поради наездата од крлежи и почесто да им ставаат ампули. Ако имаат каков било проблем со нив, ги советуваат да им се обратат во Здружението.
„Слободно можат да ни се обратат ако кучето има крварење од нос за да можеме да ги упатиме што треба да направат и која терапија им е потребна, доколку кучето има ерлихија. Ако навреме ја прими терапијата кучето за еден месец ќе им биде здраво, а за тоа нема да ги чини мноху“, рече Мазнев.
Испуштањето на домашните миленичина особено во лето, стана масовно, тврдат членовите на Здружението. Тие апелираат сопствениците да се воздржат и да не ги пуштаат на улица кучињата бидејќи како што велат не можат сите да ги згрижат./Д.С