Велешките ученици ги учат старите занаети на етно работилници
Одекнува звукот од чеканот и длетото од куќата на Касапови во Велес. Дванаесет ученици од четирите основни училишта во градот на ореово дрво ги резбаат омилените фигури. Тие се дел од резбарската работилница во која тајните на овој занает им ги пренесува познатиот резбар Љубомир Бисинов.
Додека долу групата ја сочинуваат само машки, на чардакот од куќата на Касапови шеснаесет ученички ги изучуваат ткајачкиот и плетачкиот занает. Тие вешто ракуваат со плетачките игли и со волницата со кои веќе изработија различни предмети како шалови, капи, ракавии и други предмети. Оние пак на разбојот веќе ги шараат традиционалните велешки килимчиња.
„Уште од мала ме интересираше етнологијата и традиционалните обичаи и изработки од нашите баби и мајки. Затоа денеска сум тука и среќна сум што имам можност да научам како се плете со две игли. Покрај плетењето научив и да ткаам“, рече ученичката Анѓела Капчева.
„Дојдов на работилницата да научам како се плетат елечиња и други работи од волница. Како помала се учев да плетам гледајќи како работеше баба ми. Сега сакам да научам повеќе за да можам и јас да ја продолжам традицијата на мојата баба“, рече ученичката Јована Јовановска.
Вештините на плетењето на децата им ги пренесува координаторот на работилницата Ктристијан Јорданов, кој трпеливо и со задоволство им објаснуваше како се плетат елечиња, шалови, капи и други украсни предмети.
Овде децата можат да научат да плетат и да ткаат на разбој, иако тука се работи на мини разбој а не на оној голем традиционален. Атмосферата е прекрасна. По самиот ираз на лицата на децата се гледа колку тие се заинтересирани и вклучени во самата работа. Токму како пчелички неуморно работат на својата задача“, рече Јорданов.
И додека во куќата на Касапови се резбари, плете и ткае, во спомен куќата на Џинот десетина деца го изучуваат кујунџискиот занает, во спомен куќата на Васил Главинов, тајните на столарскиот занает ги изучуваат дванаесет ученици, а во родната куќа на Кочо Рацин пак петѕнаесетина деца на грнчарското колце ги прават традиционалните велешки бардачиња, стомни, и други глинени предмети.
Етно работилниците ќе траат осум дена, а веднаш потоа во куќата на Касапови ќе бидат изложени сите предмети што учениците ќе ги направат на работилниците./Д.С