Двеста дваесет и едно слободно место во ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“ во Велес
Тече конкурсот за сместување на средношколци, во учебната 2016/2017 година, во ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“ во Велес. Домот нуди 221 легла од кои за ученици во прва година се предвидени 41 легло, за оние од втора година слободни се 72 места, за учениците од трета година има 62 слободни легла, и за оние од четврта година предвидени се 46 места.
Место во домот можат да добијат сите редовни ученици, државјани на Македонија, на кои училиштето од местото на живеење им е оддалечено најмалку 25 километри и имаат организиран превоз. Право на прием имаат и оние ученици на кои училиштето им е оддалечено најмалку десет километри и немаат организиран јавен превоз.
„Како и секоја година очекуваме интересот за запишување во ученичкиот дом да биде доста голем, се бара место повеќе и приоритет при запишување и оваа учебна година согласно објавениот конкурс ќе имаат учениците запишани во спортската паралелка“, рече директорката на домот Василка Ѓурчиновска.
Кој ќе добие место во ученичкиот дом ќе одлучува специјално формирана комисија која ќе ги бодува заинтересираните ученици. Најголема шанса да добијат кревет во домот имаат оние ученици со одличен успех кои ќе се бодуваат со 40 поени, десет поени им носи поведението, а по 25 бода добиваат според оддалеченоста на местото на живеење до училиштето и вкупните примања на нивните родители./Д.С