Внимателно со брзата храна и сладоледите на пеколната жештина
Во извршените петнаесет редовни и уште толку вонредни контроли на инспекторите за храна од Агенцијата за храна и ветеринарство во Велес , овој месец,не е откриена расипана храна во сендвичарите, пицериите, слаткарниците и угостителските објекти. Граѓаните можат да здивнат иако лекарите поточно инспекторите за храна советуваат на пеколна жештина да се избегнува конзумирање на скара, сувомесни производи, сладоледи, поточно храна што е лесно расиплива и може да биде причинител на цревни вирози.
Според доктор Марија Давчева, инспектор за храна во Велес на Агенцијата за храна и ветеринарство, јајцата што слаткарниците ги заменија со прав при подготвувањето на сладоледот и слатките со готови кремови се голема олеснителна околност кога живата во термометарот се искачува до четириесетиот степен. Др Давчева исто така смета дека олеснителна околност за граѓаните е и тоа што подготовката на скара и месо угостителите ја прават по нарачка и ја дистрибуираат веднаш.
„Мајонезот, кечапот и останатите преливи се чуваат во ладилник и од таму се вадат за да с естават во сендвичите. Тоа потврдува дека угостителите освен што го воведоа ХАСАП системот тие и комплетно го спроведуваат, а сето тоа помага во вакви временски услови да се спречат несакани последици. Во слаткарниците јајцата одамна се заменети со готов прав за подготовка на сладоледот и другите слатки. Ние имаме неделн календар на објекти што ги контролираме и досега не сме откриле расипана храна“, рече др. Давчева.
Според Давчева иако состојбата е под контрола сепак внимателно треба да се конзумираат лесно расипливите производи и најдобро би било да се заменат со овошје и зеленчук. Таа напоменува дека така може да се избегне создавањето на интеровирози кои се манифестираат со мачнини во стомакот и повраќање, или кај народот попознати како труење од храна. Др. Давчева советуваше особено во летниот период да се внимава и на квалитетот на водата за пиење. Препорача да се употребува вода од градскиот водовод и единствено да се користи само водата од природната чешма во Башино Село затоа што тие се најсигурни за здравјето на велешани.
Даниела Саздова