Биланс од сообраќајката кај „Младост“: Двајца тешко, шестмина полесно повредени и двајца пуштени на домашно лекување
Две потешко повредени лица во сообраќајката што денеска напладне се случи на локалниот пат од Велес кон езеро „Младост“ се испратени во Ургентниот центар во Скопје. Прво од велешката болница беше транспортиран пациент со потешки повреди на вратен `рбет а потоа, вториот кај кого лекарите констатирале потешки повреди на граден кош.
„На хирушкото одделение во велешката болница беа донесени десет лица кои се здобија со повреди во денешната сообраќајна несреќа. Поради сериозноста на повредите двајца од нив ги испративме за Скопје додека кај шестмина констатиравме разни подливи, нагмечувања, посекотини и гребнатини и ги задржавме на болничко лекување на хирушкото одделение во болницата во Велес. На домашно лекување испратени се двајца од пациентите,“ рече дежурниот специјалист ортопед др Љупчо Леов.
Сообраќајната несреќа се случи денеска околу 12:20 часот на угорницата на патот кон езеро „Младост“ од велешка страна. Таму директно се судрија две патнички возила, бмв со велешки регистерски таблички и мерцедес со скопска регистрација. Според изјави на очевидци пред да се случи несреќата на бмв-то во движење му излегло едно тркало по што автомобилот преминал на спротивната коловозна лента и директно се удрил во мерцедесот.
Сообраќајот, два ипол часа по несреќата, се одвиваше по една коловозна лента. Сега е нормализиран и кон рекреативниот центар велешко езеро „Младост“ се одвива на двете ленти од патот. Увид направи екипа на СВР Велес и јавен обвинител. Резултатите од увидот ќе треба да ги дадат причините за несреќата.
Убавка Јаневска