Ќе заврши ли и годинава пченицата како добиточна храна!?
Жетвата на пченицата во велешко е во полн ек. Производителите се задоволни од родот но, не и од откупната цена што им ја нудат мелничарите. Ветувањето од Министерството дека килограм лебно жито ќе се откупува по 10 и 11 денари и дека целокупниот род ќе биде собран засега не се остварува. Земјоделците од Горно Оризари, Извор, Иванковци, Сујаклари, Ново Село и други велат дека мелничарите нудат откупна цена од 7 до 8 денари за килограм.
Со оваа цена, велат тие, не може да се покријат ниту вложените трошоци за семенскиот материјал и ѓубривата. Мал број производители имаат услови за чување на пченицата па затоа се принудени лебното жито да го продаваат и како добиточна храна.
„ Пченицата морав да ја дадам на приватен сточар и тоа по цена од 8 денари за килогра. Пари не добив. Ми вети купувачот дека до крајот на годинава ќе ги добијам парите. Не сум задоволен од цената. Навистина незнам зошто се даваат девизи за увоз на пченица кога кај нас годинава родот е повеќе од добар. Јас од десетте хектари собрав 35 тони квалитетна пченица. Дали и другите производители ја предале пченицата незнам но, мислам дека ретки се оние што пченицата им ја купиле мелничарите. Тие како и секоја година сакаат да печалат пари врз нашата мака и сакаат без пари да ни ја купат. Поради овие проблеми оваа есен за половина ќе ги намалам површините под пченица“, рече Сафет од Оризари.
Проблеми со откуп на пченицата имат и земјоделците од општините Велес, Чашка и Градско. Под лебно жито годинава во овие општини беа посеани околу 4.000 хектари од кои се очекува да се соберат над 12.000 тони. Најголеми површини и годинава има во реонот на Иванковци, Оризари, Ново Село, Ногаевци. Само во Иванковци од посеаните 600 хектари се очекува да се соберат околу 2.500 тони, а од реонотна Оризари над 800 тони пченица.
Стоилко Андреевски