Интензивни снежни врнежи во Повардарскиот регион!
Надлежните велат дека ја контролират состојбата.
Повардарскиот регион е под снежна покривка. Снегот паѓа интензивно од рано утринава. Во единаесет часот во велешко има снег со висина од 20 см, во кавдаречко, неготинско и демиркаписко висината на снежната покривк изнесува помеѓу 5 и 10 см. Во овчеполието наврнало снег помеѓу 10 и 15 см. Со механизација се расчистува патниот правец од Велес кон Бузалково и Раштани. Тој е најризичен пат бидејќи ветрот може да создаде навеви и да ги отсече жителите од Велес. Таму, засега состојбата се контролира.
Од рано утрово, екипи на ЈКП Дервен ги чистат велешките тротоари. Снежните врнежи создаваат проблеми со коловозите на градските улици. Се чисти и во Кавадарци велат од општинската служба за одржување на улици и патишта.
Отежнато и забавено се одвива сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата. Се вози по влажни и лизгави коловози, особено во западниот дел од државата каде врнежите од снег се најинтензивни.
Воведени се забрани за движење на тешки товарни возила на патните правци Гостивар – Стража – Кичево, Гостивар – Маврово – Дебар и Охрид – Буково – Ресен, како и на потот Струга – граничен премин Ќафасан. Тешки товарни возила не се движат и на планинските премини Плетвар и Ѓавато. Од АМСМ препорачуваат да се употребува зимска опрема.
Авиосообраќајот,засега се одвива без промени на летовите од скопскиот и охридски аеродром.
Триесет минути доцнат возовите исто толку и автобусите но, нема откажани линии.
Се препорачува внимателно возење и прилагодување на брзината на условите на патот. Ако не е особено потребно граѓаните да не излегуваат од дома и да не ги возат автомобилите.