Креативките на Фондација Фокус пред велешани ги изложија рачните изработки на мини базар
Стотици жени ги разгледаа а десетици од нив купија рачно изработени креативни предмети на мини базарот што ги произведоа креативните жени вклучени во проектот „Економско зајакнување на жените од Вардарски регион“ на Фондацијата за локален развој и демократија „Фокус“ од Велес. Накит, украси, плетени парчиња гардероба, дамски ташни беа само дел од изложените рачни изработки на креативните жени кои дојдоа од Свети Николе, Чашка, Неготино и заедно со своите колешки од Велес го изложија своето творештво на штанд во Младински парк. Веднаш го добија посакуваното внимание на присутните граѓани во паркот особено на жените.
„Ова се извонредни уникатни изработки од кои јас одбрав неколку венчиња, стегачи и шноли за моите деца. За себе одбрав украс и жалам што не можев да најдам нешто што би одговарало за мојот сопруг. Прекрасни производи имаат овие жени. Вакви изложби треба да има што почесто во градот,“ рече велешанка.
„Оваа плетена наметка би сакала да ја имам. Јас умеам да ја ценат рачната изработка,“ рече велешанка.
„Штета би било доколку овие уникатни рачно изработени предмети не се продадат. Тие се вистинско мало богатство. Се надевам дека граѓаните умеат да проценат што производите значат,“ рече велешанка.
Мини базарот е прв од планираните три што Фондацијата за локален развој и демократија „Фокус“ ќе ги организира како финале од дваесет и седум месечниот проект што го реализира во Креативниот центар на улица „Солунска“ број 2 во Велес. Вториот, на почетокот на септември, треба да се одржи во Кавадарци како дел од манифестацијата „Тиквешки гроздобер“. Од таму велат дека за третиот мини базар засега се знае дека ќе се одржи на крајот од наредниот месец иако сеуште не е дефиниран градот во кој ќе се случи.
Проектот се реализира во партнерство на Фокус и словенечката ИРД а е финансиран од министерството за надворешни работи на Република Словенија.
Даниела Саздова