Нови маки за жителите на велешката населба Дворови
Во страв и на штрек живеат жителите на улицата „Никола Оровчанец“ во населбата Дворови чии куќи се наоѓаат во непосредна близина на разурната и напуштена куќа со број 35. Тие се жалат дека во куќата постојано се собираат луѓе, особено во вечерните и ноќните часови. Се сомневаат дека станува збор за корисници на дрога па затоа се загрижени за својата безбедност. „Непознатите посетители“ во куќата влегувале преку дупката од покривот и преку старата дрвена порта чиј што катанец го скршиле. Соседи неколку пати се јавиле во полиција и побарале интервенција. Полицијата доаѓала но не затекнувала никој во куќата.
Денеска немаше никакви траги од „ноќните посети“ во разурнатата куќа. На камениот ѕид кој го оградува дворот од улицата забележавме дупка што исто така посетителите можат да ја користат за влез во куќата но, на дрвената порта имаше катанец. Претходно клучот беше скршен.
Оваа стара и трошна куќарка се наоѓа на главната улица во густо населен дел од населбата Дворови, во строгиот центар на Велес, помеѓу едно додруго залепени три куќи. Во ниту една од нив во моментот немаше никој од соседите.
По поплаките на соседите, денеска, побаравме став од СВР Велес. Од таму очекуваме официјални информации поврзани со тоа колку пати досега се интервенирало на барање на загрижените жители и дали се откриени луѓето кои ги вознемируваат дворовчани.
Инаку, изминатиот месец, во оваа градска населба регистрирани биле и неколку кражби. Крадците вешто го искористувале невниманието на сопствениците на куќите па неосетно влегувале во дворовите и земале се што ќе им дојде при рака. Дворовчани се сомневаат дека овие кражби можеби се поврзани со луѓето кои ноќе ја посетувале разурнатата куќа./Д.С