Сто шеесет и четири деца, годинава климатски се рехабилитираа во Крушево
Вкупно 164 ученици кои потекнуваат од загадени средини како што се општините Велес, Кавадарци, тетово и Илинден и селата Возарци и Миладиновци, се рехабилитираа во детското одморалиште „Бегова корија“ во Крушево. За време на осумдневниот престој, од 28 август до 04 септември, децата имаа можност да ги осетат благодетите на природата и чистиот планински воздух како и да се дружат меѓусебе.
„Целта на оваа климатска рехабилитација е децата да поминат извесен период во планина на чист воздух. Се работи за деца од основните училишта кои имаат респираторни проблеми, патат од анемии, срцеви и белодробни заболувања и алергии. Нивната дијагноза секако е потврдена од страна на матичните лекари на децата“, рече Владо Смилев од Друштвото на родители за грижа за здраво поколение.
Освен што престојуваа во чиста и здрава животна средина, децата беа дел и од разни едукативни работилници, спортски турнири во фудбал, кошарка, пинг понг, а во вечерните часови имаа можност да ги истакнат своите таленти и креативни вештини. За здравјето на децата и активно исполнетото време се погрижи воспитувачкиот тим на Друштвото на родители за грижа за здраво поколение и медицински тим.
Инаку ова е петнаесетта по ред климатска рехабилитација во организација на Друштвото на родители за грижа за здраво поколение, финансиски поддржана од Министерството за животна средина, општина Велес и родителите на децата.
Даниела Саздова