На чиј товар паѓа отстранувањето на водоводните дефекти до домовите, прашуваат велешани
Граѓани на Велес се жалат дека Јавното комунално претпријатие им наплаќа кога отстранува дефект на водоводната инсталација до првиот вентил или водомерот, во нивните домови. Тие велат дека ова порано не било пракса на „Дервен“. Тврдат дека поправките на водоводната мрежа до водомерот на корисникот порано паѓале на товар на јавното комунално претпријатие. Кај дел од нив водомерите се наоѓаат внатре, во дворовите, па дури и во просториите од куќите. Ним ова дополнително им го оптеретува домашниот буџет.
„Имав дефект на водоводот и ги повикав од Дервен. Дојдоа работници, работеа на цевките до саатот што ми се наоѓа внатре во дворот, го отстранија дефектот но на сметката ми стигна дополнителен трошок за услугата“, рече граѓанин.
Но, на ваквите тврдења од граѓаните, од „Дервен“ велат дека не наплаќале за услуга само ако водомерната шахта стои на прописно место, поточно до граница на имотот. Од таму во писмен одговор соопштуваат дека сите поправки на водоводната мрежа како и нејзиното оддржување паѓаат на товар на корисникот на услугата.
„Дервен е должен да ја одржува водоводната инсталација до водомерната шахта, вклучувајќи го и првиот вентил пред водомерот кај индивидуалните станбени објекти, односно до границата на имотот-локацијата, но не и ако водомерната шахта е поставена на непрописно и непристапно место или е сместена во подрумски простории. Дервен должен е да ја оддржува водоводната инсталација до надворешниот ѕид од стамбен објект ако главниот водомер се наоѓа во објектот. За колективни станбени згради и водоводната инсталација до водомерната шахта вклучувајќи го првиот вентил пред водомерот, ако водомерната шахта се наоѓа пред колективната станбена зграда“, стои во писмениот одговор од ЈКП „Дервен“.
Од комуналното претпријатие исто така соопштуваат дека постапуваат според Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, донесен уште во 2004 година. Но граѓаните велат дека никој досега не ги информирал за законот и кои се нивните обврски според истиот./Д.С