На граѓаните им требаат прописно изградени пристапни патеки пред локалните и државни институции во Велес
Мајка од Велес што имала обврски во зградата на Централниот регистер се жали дека тешко ја истуркала количката во која го возела своето дете по пристапната патека пред оваа институција. На жената не и било лесно ниту при возењето на количката надолу по патеката, особено на свиокот. И таа како и граѓаните кои вообичаено седат на ѕидчињата кај фонтаната на плоштад „Сармаале“ констатираа дека оваа пристапна патека мора да има ограда од двете страни.
„Патеката можела да биде и подобра но, не е лошо изведена“, првично констатираше претседателката на Друштвото на заболени од церебрална парализа во Велес, Далиборка Златева. Оваа граѓанска организација, по над десеттина години од првичната иницијатива за обезбедување на пристап од страна на сите локални и државни институции во градот за граѓаните инвалиди, повредени, болни или корисници на инвалидско помагало, стари и изнемоштени лица како и мајките со колички за бебиња, е задоволна што сега се градат пристапни патеки.
– Сакам да апелирам до сите институции да обезбедат пристап за граѓаните кои во нив не можат да стигнат ако нема пристапни патеки. Сведоци сме дека сега се гради пристап пред зградата на Централен регистар или Управата за јавни приходи. Сакам да апелирам кога веќе се градат нека бидат направени по стандарди бидејќи тие се дел од правила и закони значи колкави треба да бидат, колку треба да изнесува нивниот нагиб, широчината, на колкава висина треба да биде поставен ракохватот. Се надевам дека комисиите кои ке бидат ангажирани за да ги пуштат во употреба сите пристапни патеки ке обрнат внимание на стандардите, -рече Златева.
Таа смета дека долгогодишното континуирано јакнење на граѓанската свест за оваа потреба сега почна да ги дава првичните резултати. Почетоците во Велес беа пред десеттина години со изградбата на првите пристапни патеки во Здравниот дом и во ООУ „Васил Главинов“, рече Златева, иако тогаш и покрај тоа што биле обезбедени сретства за жал не се изградила патеката пред зградата на општината. Оваа локална институција нема пристапна патека ниту денеска. Но, Златева се надева дека налепниците со кои се означени сите институции во Велес, маркирани од активистите на граѓанската организација чија претседателка е таа, ќе ги поттикнат во најскоро време да изградат вакви патеки и ги отворат своите влезни врати за граѓаните кои имаат потреба да ги користат.
Дел од велешани пак велат дека институциите кои имаат приземје и катови освен на пристапни патеки исто така треба да размислат и за поставување на лифтови поточно елеватори.
Убавка Јаневска