Петнаесетина палми не преживеаја во Велес
Петнаесетина палми од вкупно 46-те кои пред две години беа засадени во Младинскиот парк, дворот на Гимназијата и во паркот до поранешниот Офицерски дом во Велес, не преживеаја. Тие се исушени и од нив останаа само стеблата.
Додека другите пак се уште им пркосат на временските услови и се развиваат во вистински палми. Исушени палми има и на кружниот тек на влезот на Велес. Според познавачите на ваков вид растенија, причините за исушување на палмите се ниските температури во зимските денови како и неможноста да се адаптираат на климатските услови.
Бројни позитивни и негативни реакции предизвика кај граѓаните засадувањето на палмите во Велес. Едни се радуваа а други негодуваа, велејќи дека за нив се потрошени дваесет и три илјади евра, пари кои според нив можеле да се вложат за набавка на друг вид растенија кои многу брзо можат да се адаптираат на климатските услови и што е поважно да помогнат во прочистување на загадената почва и воздухот во Велес./С.А