Две иполгодишната Лана замина на рехабилитација во Охрид
Семејството Николови може да здивне, на нивната трансакциска сметка со број 4324845265614551 во Тутунска банка стигнаа првите донации. Од пристигнатите пари детето веднаш е однесено на потребната рехабилитација во болницата „Свети Еразмо“ во Охрид. Мајката Зорица ја придружува Лана, која боледува од церебрална парализа за да ја прими терапијата што и е неопходна за подобрување на здравствената состојба. Таткото Ристе е изненаден од помошта и грижата на добронамерните луѓе.
– Сега сватив колку е голема моќта на медиумите. Сакам да знаете дека многу се колебав околу тоа дали да побарам или не помош од новинарите. Бев сосема скршен и незнаев како да побарам помош кога секаде каде што се молев ме одбиваа со некаков изговор. Мојот дом го посети министерката за труд и социјална политика, Ременска. Разговаравме и јас добив еднократна помош а сега уште останува да ми помогнат околу запишувањето на Лана во градинка за да може сопругата Зорица да се врати на работа. Тоа ќе ни биде од огромна помош. Пари на мојата сметка стигнаа и од општина Велес, од комисија до која сопругата напиша барање. Градоначалникот Славчо Чадиев ми вети дека ќе ме помогне со дрва. Прво да им речам фала а потоа да посакам да си достојат на зборот. Сакам да кажам дека многу ме трогна јавувањето на една жена која на телефон само ме праша што ми треба а потоа по неколку часа ми се јави уште еднаш и ми рече да отидам во банка и да си подигнам 20 илјади денари. Не сакаше да се претстави. Незнам како да и се заблагодарам освен со тоа што ќе благословам: Непозната пријателке, Господ тебе да ти даде се што срце ти посакува, рече Ристе додека видно вознемирен му трепереше гласот.
Тој продолжи да раскажува за телефонските повици што деновиве ги добил од два бутици во Велес кои се интересирале за возраста на неговите две постари деца. Се надева дека ни тие ниту исселениците од Австралија нема да го заборават даденото ветување. Првите за некој пар обувки и малку гардероба. Вторите за парична помош. Охрабрениот родител не пропушти исто така да ни каже како го изненадил негов пријател.
– Страмот ме изеде. Откако вие напишавте,човек што со години го познавам ме запра на улица и ми ги побара двете неплатени сметки за струја. Потоа ми ги плати и ми ги врати. Ме остави без текст. Му благодарам. Можеби вас ова мое однесување ви изгледа чудно но јас никогаш во животот не сум доживеал некој да ми помогне, рече Ристе.
Сега негова надеж се лекарите во охридската болница и подоброто здравје на Лана. Потоа ќе следи разборчувањето со стариот кредит, па договорот со извршителот за да може да ја спаси својата скромна плата за овој месец, да ги покрие потребите и за двете постари деца, Верица и Андреј, да обезбеди храна за целото семејство.
Она што е добро во оваа приказна е што семејството Николови е охрабрено и мотивирано да се бори со сиромаштијата. Надежта им ја вратија првите граѓани кои несебично помогнаа. За останатите домот на Николови кој се наоѓа на улица Андон Ќосето бр.90 во Велес е отворен. Ристе и Зорица можат да ги добијат и на телефонскиот број 077-768-444.
Убавка Јаневска