Со плакати и звучни пораки од „Ние одлучуваме“ повторно ги мотивираа велешани
„Ние одлучуваме“, „Бараме промени“, „Можеме подобро“ беа звучните пораки кои ги слушаа велешани од озвучениот автомобил кога денеска минеше низ велешките главни улици. Тој е дел од истоимената кампања, поддржана од дваесеттина невладини организации во Македонија, која има за цел да ги мотивира и охрабри граѓаните да не се плашат да пријават притисок или уцена и исто така да излезат и според лично убедување да гласаат на предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември, годинава.
Кампањата има повеќе пораки како што се : „Бараме полиција и судство во служба на граѓаните“, „Бараме власт која ќе се бори против корупцијата и неправдата“, „Бараме здравство кое лечи а не мој термин што пречи“, „Бараме плата да се живее а не да се преживее“, „Бараме образование за слободни умови а не за послушници“ . Целта е пораките да стигнат до секој граѓанин во државата во услови кога најголем дел од медиумскиот простор е во мрак, велат од „Ние одлучуваме“ .
Од денеска на повеќе локации во Велес се излепени промотивните плакати кои ја содржат истата генерална порака со која се мотивираат граѓаните да не бидат пасивни набљудувачи туку да се мотивираат и да го дадат сопствениот глас на кандидатите за пратеници што процениле дека се нивен избор./У.Ј