Две Општински изборни комисии го очекуваат избирачкиот материјал а две соопштија колку граѓани ќе гласаат в недела
Вкупно 5.912 граѓани со право на глас во општина Чашка ќе можат да излезат и во недела на 11 декември да гласаат на предвремените парламентарни избори во Македонија. Избирачите своето право ќе го остваруваат на 31 избирачко место. Ден претходно, во сабота на 10 декември, 11 избирачки одбори ќе треба да ги посетат домовите на вкупно 31 граѓани кои се пријавиле за гласање во домашни услови поради неподвижност предизвикана од болест.
Во општина Лозово,според Единствениот избирачки список, ќе гласаат вкупно 2050 граѓани на 9 избирачки места. Еден ден претходно во затворите во државава ќе гласаат 4 граѓани кои се на издржување на казна. Исто така во сабота, на 10 декември, избирачките одбори ќе треба да им овозможат да гласаат на 17 граѓани во домашни услови бидејќи се болни поточно користат туѓа нега или се неподвижни.
Од Општинските изборни комисии во Велес и Градско информациите поврзани со вкупниот број на избирачи на предвремените парламентарни избори на 11 декември рекоа дека ќе ги соопштат во сабота, на 10 декември. Претседателките на комисиите ги чекаат избирачките материјали кои требало да им стигнат до петок вечер на 9 декември и со нив точните информации за вкупниот број избирачи.
Инаку пред две години, на последните парламентарни избори, во општина Велес беа евидентирани 46.548 граѓани кои имаа можност да гласаат на 84 избирачки места. Во општина Градско на 11 избирачки места гласаа 3.123 граѓани./У.Ј