Грипот ги покоси велешани но засега не е прогласена епидемија
Расте бројот на заболени од грип, бронхит и бронхо пневмонија во Велес. Здравствените ординации се полни со граѓани кои бараат помош од лекарите. Доктор Лилија Чолакова Дервишова вели дека во нејзината амбуланта денеска само во прва смена прегледала 70 граѓани од различни возрасти кај кои констатирала дека се болни од овие заразни болести. Состојбата загрижува затоа што ова е втора недела во која се констатира иста дијагноза кај граѓани кои бараат медицинска помош во бројки што не смеат да се занемарат. Др. Чолакова Дервишова вели минатата недела епилогот од двосменската работа во ординацијата бил и до 130 болни граѓани од грип, бронхит и бронхо пневмонија.
– Прво сметам дека пријавувањето на податоците во вакви ситуации треба да биде дневно нмаесто неделно затоа што институтот за јавно здравје преку подрачните единици тогаш ќе ги има веродостојните информации на дневна база. Ако тие се повторуваат 3 до 4 дена тогаш здравствените власти не ќе треба да се мислат за да прогласат епидемија. И превентивното е подобро затоа што ќе може да се спречи ширењето на заразната болест, рече д-р Чолакова Дервишова.
Таа и на својот фејсбук профил објави статус во кој апелираше да се прогласи епидемија поради експанзијата на заразните болести кои ги испразнија училниците, го намалија бројот на децата во шестте клона на Детската градинка и се причина за боледувањата на возрасните граѓани.
Состојбата не е за занемарување, потврди и епидемиологот д-р Билјана Трајкова од Центарот за јавно здравје во Велес. Но таа предочи дека за жал лекарите навремено не ги пријавуваат болните од грип.
– Има епидемиско ширење на грипот што не го покажува бројката од 63 заболени граѓани пријавени минатата недела од страна на матичните лекари кај нас во Центарот за јавно здравје. Апелирам колегите од приватните здравствени ординации тоа да го сторат за да може да се утврди реалната состојба во градот и да се бара решение. Со овој податок со кој ние располагаме и е пријавен во институтот во Скопје ништо не може да се превземе. Потребна е поголема ажурност од страна на матичните лекари. Напоменувам тоа е во делот на грипот бидејќи бронхитите и бронхо пневмониите се важни но само за работата на инфективното одделение во болницата каде што впрочем се упатуваат болните пациенти со ваквите дијагнози. Ќе повторам, лекари пријавете грип болни во Центарот за јавно здравје, рече д-р Трајкова.
Алармантна е состојбата и во основните училишта во градот. Во дел од нив дневно отсуствувале и по 13 деца од клас. Директорката на основното училиште „Васил Главинов“, Лилјана Николова вели дека само во втора смена, денеска, поради грип отсуствувале 120 ученици од одделенска и предметна настава. Но не само ученици, грипот ги спречил да дојдат на работа и поголем дел од наставниците. Слична е состојбата и во основното „ Блаже Конески“. И таму од ден во ден се поголем број на ученици отсуствувале од настава поради грип. Директорот Љупчо Николовски вели дека ќе се направи анализа за да се утврди колкав е бројот на ученици кои од здравствени причини не доаѓаат на училиште.
– Сега направивме евиденција на учениците од втора смена во нашето училиште и можам да кажам дека навистина е голем бројот на ученици кои отсуствуваат поради грип, бронхит, настинки и други заболувања. Утре ќе ги преброиме и учениците од прва смена за да видиме колку ученици не доаѓаат на училиште, рече директорката Николова.
Лекарите препорачуваат граѓаните да не излегуваат од дома без потреба, да седат во топла и проветрена просторија, да пијат топли напитоци и витамини, а во случај на висока температура веднаш да се обратат кај матичниот лекар.
Но ова најверојатно не е доволно да се спречи ширењето на грипот, коментираат граѓани чекајќи за преглед во ординациите низ градот./У.Ј