ЕД „Вила Зора“ јавно опомена вулканизер, да престане да фрла автомобилски гуми во Вардар
Јавна опомена преку медиумите испраќа Еколошкото друштво „Вила Зора“ до еден вулканизер во Велес. Во опомената стои дека, до „Зелениот сервис на граѓаните“ пристигнала пријава за фрлени автомобилските гуми во коритото на реката Вардар и уште е наведено дека сопственикот што го направил овој еколошки инцидент сам ќе се препознае.
Екологистите му порачуваат да прекине да фрла стари гуми во реката и лично да ги отстрани веќе фрлените. Во спротивно ќе биде поднесена пријава до Државниот инспекторат за животна средина.
– Ве информираме дека имаме докази и очевидци на стореното дело, за што на вулканизерот од Државниот инспекторат може да му бидат изречени повеќе прекршочни санкции и пријави, пишува во јавната опомена на ЕД „Вила Зора“.
Екологистите порачуваат дека ова е прва и последна јавна опомена. Ако сопственикот на вулканизерска работилница го повтори еколошкиот инцидент ќе следува пријава до надлежниот инспекторат./Д.С