Граѓани, верници, свештеници и политичари на осветувањето на новата црква „Свети Кирил и Методиј“ во Велес
По единаесет години од почетокот на изградбата новиот духовен храм во градот ги отвори вратите за верниците. Заѕвони и камбаната откако поради дефект, според Повардарската епархија, не работеше неколку месеци. Во дворот и во црквата „Свети Кирил и Методиј“ дојдоа верници од Велес и од уште неколку соседни градови. Првите радосни што добија храм во центарот на градот а вторите поради присуство на свеченост што овозможува богопоклонение и почит.
– Предноста на овој храм е во тоа што е во центарот на Велес и можеме да го посетиме при секое поминување покрај него наместо, како досега, да користиме автомобили и да се качуваме на ридовите горе а притоа да заглавуваме во сообраќајот. Преубаво е чувството. Мене ми се случува за прв пат одкога сум роден да присуствувам на осветување на црква во мојот роден град, рече верник.
– Сега добивме можност во недела да доаѓаме во црква, да ја посетуваме и да се молиме за здравје лично и на нашето семејство, рече граѓанка.
– Јас сум од Куманово. Денеска дојдов на гости кај роднини во Велес. На телевизија видовме дека се осветува црквава. Многу е убава, рече граѓанин на Куманово.
– Се чувствувам среќно. Добивме уште еден храм во кој ќе можеме да ја споделиме нашата вера и нашата љубов, рече велешанка.
Кај дел од верниците пак имаше незадоволство. Тие не сакаа да бидат фотографирани и снимени поради тоа што сметаа дека биле навредени од говорите и посланијата на свештените лица кои на свеченоста и додале политика и го користеле јазикот на политичарите.
Со свечената литургијата чиноначалствуваа Поглаварот на МПЦ, Господин Господин Стефан и Митрополитот Повардарски Господин Агатангел. Во обраќањето до верниците, Поглаварот на МПЦ помеѓу другото рече:
– Возљубени, ваквите прилики се можност и да си кажеме и да се поучиме. Треба да им правиме добро на сите народи но, најпрво на својот поучува светиот апостол Павле. Па христијански е и да си простиме и да се помириме зашто не е ли време да се прашаме колку и како го чуваме и во црквата и во државата односно колку ги браниме афтокефалност на црквата и унитарноста на државата. Време е да се запрашаме зошто се бореа нашите татковци и дедовци и нивните татковци и дедовци. Ако тие успеаја на само дел од македонската земја да ги обноват и црквата и државата тогаш наша должност е да ги зачуваме тие придобивки. Та со ништо не можат да се заменат интересите на црквата и на државата и ничии интереси не смеат да бидат пред општите и заеднички интереси. Возљубени, ова како и секое време бара одговорност од секого од нас и пред Бога и пред народниот суд ќе бидеме одговорни за тоа колку го чуваме она што сме го наследиле и ќе бидеме одговорни не само за она што сме го направиле туку и за она што не сме го направиле а требало да го направиме. Затоа да се погледнеме секој во себе и да се потсетиме дека треба да создаваме дела угодни за својот народ, држава и црква достојни пред Бога, рече Господин Господин Стефан.
На свеченоста присуствуваше Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, актуелниот Славчо Чадиев и претходните градоначалници на Велес Горан Петров и Аце Коцевски. Коцевски како и Чадиев се претенденти за нов градоначалнички мандат. Црквата започна да се гради кога градоначалник на Велес беше Аце Коцевски, продолжи во мандатот на Горан Петров и е завршена во време кога татко на градот е Славчо Чадиев.
Исто така сите ктитори кои донирале материјални добра или средства за изградбата на црквата како сопственикот на Мотел Македонија, Мите Јовановски или еден од поголемите донатори.
На свеченоста не дојде актуелниот Вицепремиер Кочо Анѓушев чија донација е најголема и за него имаше орден. Орденот на Епархијата Повардарска заврши во рацете на помладиот Анѓушев, Тодор поточно братот на Кочо.
Настанот се коментираше со тоа што Вицепремиерот не добил покана но, тој во изјава соопшти дека не присуствувал затоа што не сметал дека треба да си прави себепромоција за донацијата што ја дал за изградба на црквата./У.Ј