Полицијата поднесе кривична пријава за злоупотреба на службена должност против Градоначалникот Чадиев кој вели дека против него започнала политичката хајка
Поради сомнение за кривичното дело „ злоупотреба на службената положба“ против градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев денеска Секторот за внатрешни работи во Велес до Основното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава. Според полицијата делото, што му се става на товар осомничениот го сторил во 2012 година додека ја извршувал функцијата Претседател на Советот на општина Велес или пред да биде избран за Градоначалник.
– Пријавениот го сторил кривичното дело на тој начин што го прекршил Деловникот за работа на општина Велес на 62 Седница одржана на 11.07.2012 година кога претходно симнатата точка 6 од Дневниот ред, поднесена од градоначалникот на општина Чашка – „Предлог-Одлука за пренесување на правото на сопственост на недвижен имот од општина Велес на општина Чашка “, побарал по итна постапка повторно да биде вратена на Дневниот ред без да ја образложи итноста, иако му било укажано за прекршување на член 61 став 4 од Деловникот за работа на Советот , соопшти портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски .
Според полицијата , кривичната пријава се однесува за постапката на отуѓување на општински имот поточно на Синдикалното одморалиште во с.Горно Врановци, изградено со средства на поранешните велешки претпријатија, а евидентирано во имотен лист за катастарска општина Горно Врановци.
Објектот во 2004 година, го превзела Комисијата за приватизација на Република Македонија и го доделила на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија. Општина Велес повела судска постапка што ја добила и на 15.06.2012 година синдикалното одморалиште повторно било запишано во имотниот лист на општина Велес. Потоа, по една недела од донесувањето на одлука, општина Чашка до општина Велес поднела Барање за пренесување на правото на сопственост над синдикалното одморалиште а Чадиев како претседател на Советот ја ставил оваа точна на дневен ред, но членовите ја изгласале и ја тргнале. По ова, спротивно на Деловникот и покрај укажувањата од дел од членовите на Советот, тој предложил итна постапка за да се врати оваа точка со објаснување дека станува збор за друга точка бидејќи предлагачот бил друг.
Така, Чадиев дозволил расправа и била донесена одлука за пренесување на правото на сопственот за синдикалното одморалиште. Кога Општина Чашка го добила, го огласила за продажба со почетна цена од речиси 30 милиони денари, пишува во образложението на кривичната пријава.
Градоначалникот Чадиев вели дека кривичната пријава била политичка и тенденциозна, затоа што е поднесена пет години подоцна и со неа се правел обид да се дискредитира неговата личност токму во време кога тој, по втор пат се кандидира за Градоначалник на Велес.
– МВР станува дел од кампањата на СДСМ пред престојните локални избори се со цел да се наштети на угледот на Градоначалникот Чадиев, да се доведе јавноста во заблуда, да се дискредитира мојот лик. Бидејќи соочени со фактот дека СДСМ ќе ги изгубат изборите во Велес, ги знаат добро анкетите, па превземаат очајнички потези, рече Чадиев.
Тој образложи дека досега работеле максимално транспарентно во временскиот период во кој ја извршувал како функцијата Претседател на Советот така и градоначалниката и ја покажа Одлуката на Уставен суд со која на 24 октомври 2012 година се отфрла како неоснована иницијативата на СДСМ за оценување на законитоста на постапката за отуѓување на синдикалното одморалиште во Горно Врановци.
– Не е точно тоа што го пишува во кривичната пријава. Претседателот на Советот во исто време е и член на Советот кој има право да предложи било што на дневен ред а дали советничкото мнозинство ќе го прифати или не тоа е нивна одлука. Затоа не може да сноси одговорност. Тоа е исто како и пратеник да го ставите во ваква ситуација. И тогаш се жалеа од СДСМ иако сега е од анонимен поднесител. Тие досега против мене покренаа повеќе пријави а ниедна не им беше уважена па дури и оваа е смешно уважена кривична пријава но има институција која се вика суд кој ќе докаже и јас тогаш ќе морам против МВР да покренам постапка бидејќи и оваа кривична пријава ќе биде отфрлена, рече Чадиев.
Тој се пожали на притисоци врз него и неговото семејство посочувајќи дека пред неколку дена го затекнал неговото возило со извадени две навртки од автомобилската гума како и на работно деградирање на неговата сопруга која е вработена во болницата во Велес како лекар специјалист./У.Ј