Силно невреме, кратко, го зафати Велес
Град со големина на орев го најави краткотрајното невреме што вечерва околу 20 часот го зафати Велес. Само неколку минути паѓаа топчињата со мраз и ги вознемирија граѓаните кој живеат во близина на зградата на општина Велес и особено возачите кои се обидуваа во тој дел на градот да ги засолнат автомобилите под крошните надрвјата, под настрешници или под покривни платформи. Потоа се отвори небото над Велес и силниот дожд се слеваше околу десеттина минути.
Возачите велеа дека се исплашиле за стаклата на возилата поточно за предните и задни стакла на кои градот почнал да остава траги. Таксисти кои вечерва возеа низ градските улици тврдеа дека најдолг период градот паѓал кај свиокот за населбата Којник, театарската зграда и Младински парк.
Силниот дожд и краткотрајното невреме половина час без електрична енергија ги остави жителите на населбите Којник, Бузаана и Долни дуќани. Поројниците од втор Болнички дол свлекоа шљунак на раскрсницата со главната градска улица „Благој Ѓорев“. Поплавен беше и делот од раскрсницата кај градските семафори што се користи за свртување кон зградата на ЕВН.
Засега нема информации за претрпените штети од поројниот дожд и од градот./У.Ј