Мнозинството во Советот на општина Велес, предводено од ВМРО ДПМНЕ, изгласа: На 15 Октомври и референдум против изградбата на населба за бегалци
Во Велес на 15 октомври граѓаните ќе гласаат на локални избори и ќе се изјаснуваат на Референдум „за“ или „против“ населување и интеграција на мигранти на територијата на општината. Одлуката вечерва ја донесе Советот на општината. За неа гласаа 12-сет членови од советничката група предводена од ВМРО ДПМНЕ додека 8 советници на СДСМ беа воздржани.
Поточно мнозинството го изгласа предлогот на претседателот на Советот на општината, Александар Колев. Од мнозинството предводено од ВМРО ДПМНЕ на седницата единствено не присуствуваше и не гласаше советникот Бесим Ахмедов од Турската демократска партија.
Советниците водеа неколку часовна жолчна расправа во која имаше повеќе препирки и несогласување што ги поттикна предлогот на Колев по Акцискиот план за интеграција на бегалци и странци за периодот 2017-2027 година што е дел од националната Стратегија за интеграција на бегалци и странци на Министерството за труд и социјална политика.
Додека мнозинството во Советот сметаше дека Владата, токму со овој стратешки докумет, подготвува терен за изградба на станови, интегрирање во локалната заедница, вработување и образование на бегалци во Македонија, локалната опозиција тврдеше дека станува збор за политичка манипулација на ВМРО ДПМНЕ со која треба на денот на локалните избори да се одвлече вниманието на граѓаните од изборниот процес поточно од изборот на кандидидатот за градоначалник и листите со членови за Совет на општината.
– Доколку Колев лаже и ВМРО лаже дека треба да се спроведе домување на бегалци и странци зошто тогаш Министерството за труд и социјална политика, предводено од СДСМ, ја подготвило оваа Стратегија и Национален акцискиот план и бара од општините во Македонија да се изјасниме, рече предлагачот на точката на дневниот ред на седницата и Претседател на Советот на општината, Александар Колев.
– Од над еден милион бегалци кои што влегле во Македонија само 15 останале. Дополнителен мотив, за мене, е и прочитаната изјава на градоначалникот дадена за еден медиум, во која тој вели дека до Градоначалникот до пред некој ден не се поднесени никакви барања од државните органи за градење на било какви градби за прифаќање на бегалци. Затоа сметам дека ваквите одлуки, за организирање на референдуми, што сега се случува во Советот на општина Велес кој се тренд и се гласаат во повеќето Совети низ Македонија, не се потребни, рече координаторот на советничката група предводена од СДСМ, Благој Коларов.
Тој се обиде преку Амандман да го смени датумот на одржување на Референдумот, наместо 15 -ти да се закаже на 8-ми Октомври притоа нудејќи ја поддршката и на СДСМ. Мнозинството предводено од ВМРО ДПМНЕ го одби со образложение дека терминот 8-ми а не 15-ти Октомври финансиски ќе ја оптовари општината и ќе се совпадне со одржувањето на манифестацијата „Питијада“ во Велес./У.Ј