СДСМ смета дека со кривичната пријава против Градоначалникот Чадиев, Македонија станала правна држава а Општина Велес дека МВР не ја почитувало презумцијата на невиност за што ги известиле странските Амбасадори
Долго време СДСМ и граѓаните водеа правна битка за интересот на граѓаните и се обидуваа да докажат дека давањето на хотелот во Горно Врановци на Општина Чашка е противзаконски чин и спротивно на одредбите на Деловникот за работа на Советот на Општина Велес, рекоа на денешната прес конференција од Општинската организација на СДСМ.
– Поднесената кривична пријава за злоупотреба на службената положба против градоначалникот во заминување Славчо Чадиев, докажува дека после 11 години неправда, државните органи постапуваат и се ставаат во заштита на правото, правниот поредок и граѓаните на Република Македонија. Законите важат за сите подеднакво. Македонија конечно станува правна држава и секој оној кој ги прекршил законите ќе мора да одговара. Затоа, очекуваме целосно расветлување на овој случај и исправање на неправдата за Хотелот во Врановци, рече секретарот на ОО на СДСМ во Велес, Марјан Јорданов.
Тој додаде дека граѓаните на Велес заслужувале одговорна локална власт која ќе ги спроведува а нема да ги крши законите.
На оваа прес конференција реагираа од општина Велес од каде повторија дека таа претставувала уште еден доказ за започната политичка хајка против Градоначалникот Славчо Чадиев и Општина Велес.
– Прес конференцијата е доказ дека кривичната пријава која СВР Велес вчера ја поднесе против Претседателот на Советот од 2012 година е пишувана во партискиот штаб на СДСМ. Истата не е поткрепена со никакви докази, туку само празни обвинувања кои имаат за цел да се наштети на угледот на актуелниот градоначалник пред локалните избори. Во овој прогон дирекно се вклучи Министерството за Внатрешни работи преку Секторот за внатрешни работи од Велес. Со вчерашниот настап тие се ставија во улога на прес служба на СДСМ, пишува во писмената реакција на општина Велес.
Општината најостро реагира и смета дека МВР не ја почитувалo презумцијата на невиност при објавување на кривична пријава за што биле известени Амбасадорите на САД, Велика Британија, Франција, Германија, Русија, Словачка и Канцеларијата на Евопската унија во Скопје кои ги повикале да го мониториираат случајот како и дека очекувале да биде отфрлен од Обвинителството./У.Ј