Муслиманските верски објекти во стар Велес и што покажувале пописите на населението
Во најстариот попис на велешкиот вилает од 1445 година се споменува дека посадата на Велешкото кале брои само седуммина турски војници. Од овој попис се дознава дека градот Велес (Ќупурли) се формирал околу Новиот мост, сегашен Стар мост, каде најпрвин биле населени по девет муслимански и христијански семејства поточно муселими или чувари со задача да го чуваат и поправаат дрвениот мост. Потоа во пописот од 1463 година се вели дека градот имал 181 христијански и 9 муслимански семејства. Тоа значи дека во периодот од 50 години населението од стар Велес полека се населувало околу овој мост на Вардар.
Следните пописи покажуваат дека во соодносот на населението и демографскиот развој на градот пропорционално се зголемува христијанското население. Од пописот во 1568/69 година се дознава дека Велес имал 1657 жители. Од нив како христијани се изјасниле 1295, а како 380 муслимани. Значи, христијанското население доминирало. Интензивен прираст на муслиманското население се јавува со процесот на исламизација на христијанското население.
Христијаните кои се потурчувале место татковото име го добивале прекарот Абдула(х),во превод раб-божји. Така во пописот од 1568/69 година секој петти муслиман бил исламизиран христијанин.
Панорама на Велес околу 1900 година
Најголем број од муслиманите кои биле населени биле Турци. Со време се исламизирале и припадници на месното христијанско население пред се од економски причини. Во овој период значајно е и формирањето на заедница на влашката етничка група што во пописот до 1445 година се споменува на пример Данчо , син на Влав Влаше , како и семејство на Радослав Влах, кој се рачунал како староседелец.
Велес според овие пописни документи не бил означен како богат град. Напротив, во документите пишува дека и муслиманите и христијаните од маалото „Џамија“ се жалат дека се бедни „фукара“ и не можат да ги плаќаат даноците.
По 1839 година и донесувањето на Гилханскиот хатишериф , правата на сите граѓани од христијанска и муслиманска веросиповест биле изедначени.
За муслиманските верски објекти запис оставил Евлија Челеби, познатиот турски патеписец. Тој кажува дека Велес има џамија, два месџида што значело mescid или објект наменет за верски обреди,без минаре и амам. Едниот месџид бил во маалото Чодулар и го носел името на неговиот ктитор, Мевлана Алајдин, син на Муса, стар велешки кадија, објект кој многу одамна не постои. Вториот бил во маалото „Нов мост“, а неговиот ктитор бил Аџи Ибраим. Овој објект бил познат подоцна и како Кумсал или песочна џамија , која се сметала за најстара џамија во градот. И таа е подигната како и мостот во време на владеење на султан Мехмед II Освојувачот. Ова маало било создадено истовремено кога и џамијата.
Фотографија од Џамијата во велешката населба Дворови
Истите два маалски месџида, мали џамии и една голема џамија биле регистрирани и во пописот од 1528/29 година. Според податоците кои ги дава др.Екрем Ајверди, турски експерт за сакрални објекти, на територијата на град Велес во различни периоди имало вкупно осум џамии. Тие биле изградени во различни периоди. Документите покажуваат дека неколкуте големи пожари кои го зафатиле Велес предизвикале опожарување и на верските објекти . Од фотографиите кои се создадени за градот Велес, само на една фотографија од пред 1900 година се гледаат истовремено четири џамии.
Фотографија од Кумсал џамијата
Станува збор за Алајдин-бег џамијата, која во 1528/29 година е забележана како месџид, за Фазил Ахмед-паша или Паша џамија ,чиј ктитор бил големиот везир Купрулузаде (1635-1676 година), Хаџи Ахмед џамија, Хаџи Кусрев џамија, Хаџи Ибраим џамија или Кумсал џамија, изградена на темелите на друг објект во 15 век, Купрулузаде Мустафа бег џамија, чиј ктитор бил помалиот брат на споменатиот Ахмед паша (1637-1691), Месих бег џамија и Султан Мехмед џамија, која потекнува од 15 век, но е палена, рушена и обновувана. Челебија споменува и една Медреса поточно верско училиште и веројатно се станува збор за училиштето на Хаџи Мехмед .
Во Ќупурли постоеле и два мектеба, основни училишта, една на Ахмед, а другата на Хаџи Хусарев. Мектебите биле во близина на џамиите, што може да значи дека нивните и нивни ктитори биле оние исти луѓе што ги подигале џамиите.
Панорама на Велес фотографирана во 1908 година
Каков соживот имале христијаните и муслиманите во Велес?
Според пишаните документи соживот постоел отсекогаш. Познати се примери на соживот и помош за време на елементарни непогоди како што биле пожари, поплави, епидемии, глад, големи студови и друго.
Сите нив велешани ги надминувале заедно. И ден денес граѓаните ги почитуваат традициите и празниците , па за секој муслимански или христијански верски празник меѓусебно се посетуваат, си ги честитаат, без разлика дали се работи за Рамазан, за Велигден, за помал или поголем муслимански или христијански празник.
Вековно, едни покрај други, научивме дека добрите и лошите работи ,ни се случуваат на сите, па и заеднички мораме да ги решаваме.
Љупчо Данов