Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

Улицата „Љубен Весов“ е една подолгите улици во Велес. Таа започнува од местото каде се спојуваат улиците „Цар Самуил“ и поранешната „Владимир Назор или сегашна“Архиепископ Михаил“. Нејзиниот почеток точно се наоѓа над популарно наречената синдикална зграда во Велес, ја сече улицата „Кочо Рацин“, излегува кај „Солено чешмиче“ и завршува над старата фабрика за глинени кумци „Вила Зора“ на браќата Левкови.

Во минатото, како и на другите улици под „Којник“, „Бричкова чешма“, „Прчиева чешма“ и „Бузаана“ , и на оваа улица во овој дел на стар Велес живело македонско население зашто турското имало куќи во долниот дел на градот, околу градскиот саат, во „Дворови“ и на другата страна од реката Вардар, во близина на Бела и Црна Џамија.

На оваа улица имало неколку фурни за леб, потоа неколку маалски чешми околу кои се собирале жителите во овој дел на градот. Најголем број од нив биле занаетчии, но немал број работеле во Монополот, Колска, железницата и во фабриката на браќата Левкови. Сите тие живееле сложно, се помагале едни со други, се радувале и тагувале заедно.

На почетокот на улицата, од десната страна била куќата на Петре и Лена Василеви со синовите Здравко и Васил и ќерките првата Гафа и втората која што била учителка, до нив живееле Ѓорѓи и Борка Чоневи со трите ќерки, потоа Димко и Панка Џунџеви со синовите Мето,Киро и Ордан и ќерката Вера. Потоа следеле домовите на Тодор и Марија Дрндарови со синот Киро, па на лебарот Димко Танев со синовите Коле и Орце како и на семејството на Ганчо и Деница Ташеви со синот Трајче. Во продолжение на улицата била куќата на Митко и Бота Цилакови со ќерките Бота и Злата, па Тошо и Анѓа Дуракови со синот Бојчо. На почетокот,од спротивната страна на улицата, се наоѓале куќите на Благој и Илинка Коцеви со синот Марјан и ќерката Марија, до нив живеело семејството Расадови, потоа Ѓорѓи и Веса Чоневи со ќерките Лила и Руска, а до нив Ордан и Марика Таневи со ќерките Нора и Сузана. Над нив живееле Петре и Коца-Раштаните, а до нив пак Бојо и Милка со синовите Панче, Коле и Златко.

Таму улицата е пресечена со соседната улица „Поп Јорданови“ и на самиот пресек порано се наоѓала фурната на Ило Царето како составен дел на неговата куќа во која тој и сопругата Богда живееле со децата Руска, Рајна и Лила. До нив се наоѓа куќата на Мирко Мацанов со синот Роберт, потоа куќата на неговиот брат Панче Мацан со синовите Илија и Ѓорѓи, па домот на Пенчо и Менка Оровчанови со синот, кој бил крстен по името на неговиот прерано починатиот татко Пенчо и неговата сестра Маца. Таму живееле Тодор и Стојна Таневи со синовите Љубомир и Стефан и ќерката Оливера, потоа братот на Тодор, Борис со сопругата Магда Таневи и со синовите Петре, Благој и Круме како и ќерката Надица.

Од спротивната страна на редот од куќи се наоѓале домовите на Ѓошо и Слоботка Севдинови со синот Трајче и ќерката Гордана.

Над нив живеел големиот и славен виолинист и свирач на кемане како основач на Велешката чалгија , народениот музичар Ало Тончов со синот Томе и ќерката Данче.

Во овој дел на улицата се наоѓале и домовите на Велјан железничарот, со ќерките Летка и Фросина, на Трајко и Веса Мајналови со синот Тоше, па на братот на Трајко, Ѓорѓи со сопругата Милица Мајналови и нивните две ќерки. Над нив свои дом имале браќата Перо и Ѓоре Оцеви. Перо имал еден син а Ѓоре имал два сина. Таму живееле и Цанко и Бажа со синот Ѕвонко, па Стојче и Цана со ќерките Лилјана и Марија, потоа Ацо и Веса , Рајна и Ило Цареви со ќерките Менка и Веса. До нив свои домови имале и Мирко и Васа Цветанови со синот Роберт и ќерката Васа, потоа Ало и Слоботка Рончеви со синот Томе и ќерките Ленче и Соња, како и Маричето Севдинова.

Од спротивната страна во редот од куќи се наоѓале домовите на Боре и Ангелина Карови со синот Сашко и ќерката Славица, на Љубо и Пала Смилеви, на Баже и Илинка со синот пилот, Марјан пилот и ќерката Марија.

На левата страна на улицата исто така живееле Љубе - Жабарот со сопругата Ратка и ќерките Ана и Менка, потоа Коле и Вангелица Дрнкови со синот Благој и ќерката Цвета, потоа Благој Дрнков со синот Коле и ќерка Вангелица додека од спротивната страна, над семејната куќа на Карови свој дом имале Тошо и Анѓа Дуракови со синовите Васе и Бојчо и ќерките Јагода и Марија.

На оваа улица живееле трите семејства на браќата Карови, поточно Ѓошо и Галаба , Љубе и Марионка и третиот брат Боро со децата. До Карови се наоѓала куќата на Мирко и Веса Цветкови со синот Роберт и ќерките Вале и Весна. Под Карови живееле Љубе и Пала Копукови со синовите Ордан, Марјан и Зоран, до нив Славе учителот, кој не бил женет и кој многу рано се иселил во Скопје.

На горниот дел, од десна страна, веднаш каде што почнува улицата „Јовче Џипунов“ била куќата на Киро и Цвета Бакалчеви, со децата Ане, Боте и Таска , па домот на Ацо - Кореецот со сопругата Веса, синот Драган и ќерката Славица додека во сокакот свој дом имале Стојанче и Цвета со ќерките Лила и Марија, Ацо и Цонка со синот Ѕвонко од едната додека од другата страна била куќата на Димко и Слоботка Пинталеви, со синовите Ладе и Ане и ќерката Бојка.

Бидејќи улицата „Љубен Весов“ е долга и во неа живееле поголем број стари велешки семејства не бевме во можност да ги пронајдеме сите податоци поврзани со нив. Ние продолжуваме да истражуваме и да собираме податоци. Се надеваме дека по објабубањето на денешните ќе ја имаме и вашата помош со цел да ги запишеме и евидентираме сите поранешни семејства од оваа улица која поврзува три велешки маала.

Стоилко Андреевски

Поврзани вести

Web banner Duma Sinalco Nagradna Igra 300x250px

 

Најново