Службата за имунизација на велешки Здравен дом денеска на Рамина вакцинираше 8 деца
Три деца на возраст на школска и пет кои се помлади и не посетуваат настава денеска беа вакцинирани на пунктот што за нив го одбра службата за имунизација на ЈЗО Здравен дом во велешката населба Рамина. Нивните родители не ги донеле децата во амбулантата во Здравниот дом па лекарот и медицинските сестри дојдоа кај нив.
– Станува збор за деца кои потекнуваат од социјално немоќни семејства и често мигрираат а причина за нивните селења е потрагата по егзистенција. Сите деца се ромчиња. Три од нив за жал не одат на училиште и не посетуваат настава иако треба да се ученици. Нашата евиденција покажа дека изостанале и од неопходната вакцинација па затоа екипата за имунизација направи напори да ги вакцинира. Тие примија вакцини и дадени се препораки на нивни родител да не изостануваат од оваа здравствена заштита во наредниот период, рече д-р Пандели Божиков специјалист по школска медицина.
Според евиденцијата на оваа здравствена служба ваквите случаи се малубројни. Тие не влијаат на вкупниот број на вакцинирани деца бидејќи статистичките податоци покажуваат дека во последните неколку години во општина Велес процентот на вакцинирани се движи помеѓу 95% и 99% додека на државно ниво реализацијата на имунизацијата изнесува 91%.
Д-р Божиков вели дека тоа пред се се должи на посветеноста на родителите во општината кон здравјето на децата и на воспоставената соработка со службата за имунизација која има воведено советодавна пракса па отворено разговара за секој вид на вакцина и навремено ги информира за предностите./У.Ј