Погребани Теона, Петар и Драгана на градските гробишта во Раштани
Во гробница на градските гробишта во Раштани денеска беа погребани посмртните останки на Теона, Петар и Драгана. Трите мали дечиња настрадаа во пожарот што пред два дена ја зафати собата во која живееја четири години на ридот Вршник. Освен неколкумината пријатели на семејството, Градоначалникот Аце Коцевски, членот на Советот на општината Весна Стојанова Богоевска и преставници на општината никој друг не почувствува потреба да запали свеќа и да ги испрати во вечниот дом. Впрочем тие заминаа во вечноста како што живееја на овој свет, тивки и осамени.
Граѓаните на Велес ги сожалуваа, бранеа и пишуваа на социјалните мрежи но, не им дојдоа на погребот.
Родниот град сепак им оддаде должна почит ден на жалост, со спуштени знамиња на пола копје и без музика во угостителските објекти.
Инаку, синоќа, полицијата го заврши увидот во руината во која се претвори домот на Теона, Петар и Драгана, составен од една соба што ја проголта огнот како и нивните играчки, облека и обувки. Увидната екипа на СВР Велес, од одделението за криминалистичка техника, бараше трага што ќе одгатне како се појавил пожарот во собата или можеби надвор од неа поточно местото каде избувнал огнот. Увидот го надгледуваше основната јавна обвинителка Аделина Станинова.
Истрагата треба да покаже што точно се случило во времето кога децата во средата на 20 јуни, околу 15 часот, останале дома сами додека нивните родители се симнале од Вршник во блиската продавница на Којник да купат храна. Никола и Марина им купиле и сладоледи, покрај останатите производи, но Теона, Петар и Драгана не дочекаа да ги изедат./У.Ј