Граѓани го расфрлаат сметот од контејнерите покрај пругата Велес – Гевгелија
Во едно деноноќие, постојано да работат, комуналците не ќе можат да ја соберат количината на смет што граѓаните во Велес успеваат да ја расфрлат низ градските улици во период од само неколку часа. Вака деновиве коментираат граѓани кои револтирано реагираат на грдата глетката што секојдневно ги затекнува кај двата мали контејнери за смет, покрај горна рампа на железничкиот премин на пругата Скопје – Гевгелија. Во контејнерот смет фрлаат граѓани од улиците „Страшо Пинџур“ и „Гоце Делчев“ во централното градско подрачје, од околните продавници и кафетерии како и минувачи од други делови на градот.
– Се закопавме во смет. Од контејнерите право пред влезните порти на нашите домови. Овде метач не сме виделе а има парк и клупи пред поранешната Црковно народна кујна. Ако ние не сметеме и не измиеме со вода тоа друг не го прави. Бараме редовно да се мете и собира градскиот смет и во овој дел на градот, рече граѓанин.
– И не е проблемот само во големата количина на смет што се фрла во малите контејнери туку и неколкумина граѓани, жени со деца, кои доаѓаат во овој дел на градот за постојано да претураат по контејнерите. Тие одврзуваат кеси и ги расфрлаат околу контејнерите. Потоа доаѓаат бездомни кучиња и мачки кои ги раскинуваат кесите па сметот сосема се растура, рече граѓанин.
Ѓраѓаните кои претураат по двата контејнери вообичаено доаѓале доцна попладне или навечер, пред комуналците да го соберат сметот. За неколку часа по нивното претурање кесите завршуваат и покрај самата железничка пруга. Нив ги гледаат сите патници кои патуваат со воз кон Гевгелија./У.Ј