Леш на починат бездомник остана 36 часа во моргата на велешката болница која не располага со ладилник
Кој е надлежен да изврши погреб на починат граѓанин, ако тој нема дом и семејство, не стекнал право на пензија и никој не го внел во системот за користење на ни една социјална бенефиција од страна на дравата? Ова прашање се отвора денеска во локалната заедница како што е велешката по информацијата дека вчера утрото, 16 септември, околу 8.40 часот во ЈЗО Општа Болница во градот по шеснаесетдневно лекување на Нервното одделение починал бездомникот Д.М. Неговиот леш во текот на вчерашниот ден, недела, бил пренесен во болничката морга во која нема фрижидер за чување на упокоените граѓани затоа што вообичаено семејствата за неколку часа ги превземаат починатите.
Но, во случајот со велешанецот Д.М не е така, затоа што тој нема семејство а од најблиски роднини имал само сестра што не можела да ги превземе обврските поради финансиска немоќ. Кога Дума.мк дозна за случајот веќе беа поминати 36 часа од смртта на велешанецот. Од велешката болница на новинарското прашање како ќе постапат во овој случај одговорија дека поради не можноста предизвикана од некомплетната опременост на моргата, во која нема ладилник, јавната здравствена организација затоа што не смее да го чува и понатаму лешот на релативно високите температури за месец септември и плашејќи се дека може да започне процес на негово распаѓање рано утрово ги информирала Општина Велес, Центарот за социјални работи во Велес и ЈКП „Дервен“ од кои побарала да се најде итно решение. Според портпаролот на болницата Марина Андова во 15 часот и 00 минути решението за превземањето на лешот и неговото погребување сеуште се бараше.
Истото, напишано во новинарско прашање на мејл до трите институции го испрати и Дума.мк. Ги прашавме Општина Велес, ЈКП „Дервен“ и Министерството за труд и социјална политика : Кој ќе го погребе и ќе ги сноси трошоците за починатиот велешанец Д.М?
Одговор единствено стигна од ЈКП „Дервен“. Во мејлот од јавното комунално претпријатие напишаа:
„Погребот на починатото лице Д.М. треба да го организира брачниот другар или неговите наследници. Бидејќи до овој момент како негов наследник се појави само неговата сестра, а таа одбива да го организира погребот, ние како Управител на гробиштата во град Велес, согласно член 28 и 35 од Законот за гробишта и погребални услуги ќе го извршиме погребот, а трошоците за погребот треба да ги сносат неговите наследници.
Денеска телото на починатиот се транспортира во мртовечница, а во текот на утрешниот ден или ден потоа ќе се изврши и погребот, согласно законските одредби.“
Овој случај не е единствен во државата и отвора многу подпрашања. Што се случува и како се спроведува законот или законите за социјална заштита, дали лицата кои немаат здравствена и социјална заштита се еднакви со останатите граѓани, кога кај нив настапува смрт кој ги плаќа здравствените услуги а кој погребалните во кој секако спаѓаат купувањето на гробното место, транспортот, чувањето во капелата, верскиот обред и ангажирањето на свештеникот? На прашањата треба да дадат одговор институциите во држава што според Устав е декларирана како социјална и во која се почитуваат граѓанските права, независно од економската моќ на граѓаните./У.Ј