Изгоре поткровљето на семејната куќа на Тевчеви, сопственикот тврди дека пожарот е предизвикан од електричната енергија
Една соба со мебел и технички апарати е целосно изгорена, втора е со деведесет проценти изгорен мебел, облека и предмети и трета од поткровљето е опожарена, прокисната со уништен плафон од вода и огромни дупки. Во претсобљето на овој дел од куќата на Илија Тевчев на улицата „Ѓоре Органџиев“ бр 12 има само смет од изгорени технички апарати, опожарени греди, ламперија и целосно уништена дограма. Ова е епилогот од пожарот што попладнево избил во куќата што е последна во редот на улицата, на кејот на река Вардар под железничката пруга Велес – Гевгелија и се наоѓа веднаш до трафостаница на ЕВН. Огнот се појавил на покривот додека во Велес дуваше ветер со огомна брзина.
Водата од цистерните со која пожарникарите го гаснеле пожарот сеуште течеше по дрвените скали од поткровљето кон првиот кат на куќата кога околу 20.30 минути новинарот на Дума.мк влезе внатре. Таваните се водени а наместа вода избива и од малтерот. Сопственикот видно вознемирен раскажа што се случувало додека во кујната на катот од куќата тој имал гости.
– Додека разговаравме со гостите во два наврати се исклучуваше и вклучуваше фрижидерот. Потоа нешто пукна. Татнежот што тој ја создаде ни стана сомнителен но, помисливме дека се расипа.Неколку минути потоа,околу 17. 10 часот одеднаш дома влезе соседот и праша : „Ви прегоре ли некој технички апарат затоа што кај мене прегоре телевизорот?“. Јас му кажав за фрижидерот а соседот потоа замина кај другите соседи. По неколку минути ми се јави на телефон велејќи ми: „Иле ти гори куќата, излегувајте надвор“. Потоа се на што се сеќавам беше дека излеговме во претсобљето на катот и видовме густ црн чад кој доаѓаше од поткровљето. Се обидовме да се качиме горе но не можевме. Излеговме надвор, на улица и почнавме да пријавуваме во пожарна и во полиција. Пожарникарите дојдоа и почнаа да гасат. Ветерот беше многу силен, мораа да кршат керамиди и да влегуваат преку покривот, рече Тевчев.
И неговите соседи имаат прегорени технички апарати. Тоа за Тевчев е потврда дека пожарот го предизвикал спој на електични жици што доаѓаат од електричниот столб, покрај куќата, на штендерот на неговиот покрив.
-Не е можно да има друга причина затоа што во собите на поткровљето немаше вклучени технички апарати. Таму живее подстанарка. Ние сите бевме долу на катот. Јас кога ја вклучив светилката во купатилото таа експлодираше. А до денеска напладне се беше исправно. Јас покривот целосно го променив од греди, изолација и керамиди. Значи штендерот е исто така сменет и до денеска немав никаков проблем. Имавме среќа, што соседот навреме алармираше и што тој и пред нас веќе звонел во Територијалната противпожарна единица, додаде Тевчев.
Тој освен изгорените банкноти на девизи не можеше точно да утврди цена на претрпената штета. Освен мебелот изгорени се телевизор, систем, неколку телефонски апарати, фотографски апарат и два лап топи. Тевчев утре, вторник 25 септември, ја очекува увидната екипа на СВР Велес. Таа треба да го состави записникот и да ја утврди причината за пожарот.
Во Велес и во моментов дува силен ветер. При излегување од опожарената куќа со изгорено поткровље на Тевчев покрај брегот на Вардар забележавме скршена голема гранка од крошните на дрвјата./У.Ј