Облаците од прашина во воздухот над каменоломот во велешката населба Тунел повторно ги револтираа граѓаните
„Го слушате ли звукот што доаѓа од каменоломот во кој е претворена фабриката за вар и дали ги гледате облаците од прашина што се шират во воздухот“, беа двете прашања на жителите на населбата Тунел, над популарно наречените социјални згради, кои денеска реагираа на загадувањето што излегуваше од кругот на фабриката.
Овие како и граѓаните во населбата Превалец се дополнително револтирани од сознанијата дека на фирмата која продолжува да работи и да ја загадува животната средина и е одземена еколошката дозвола за работа пред четири месеци. Тие го прозваа менаџментот и како што рекоа за последен пат му испраќаат порака да престане да манифестира самоволие што директно се одразува на нивното здравје. Граѓаните побараа да прекине со работа затоа што го загадува воздухот и водата во реката Тополка.
Тие, сега очекуваат да се реализира ветувањето на Градоначалникот Аце Коцевски од пред дваесеттина дена, кога тој најави дека доколку фирмата концесионер продолжи да работи, без дозвола, и загадува тогаш општината заедно со граѓаните ќе превземат активности за спречување на работата.
-Постапката што општината ја поведе пред Државната комисија за одлучување во управна постапка од втор степен како резултат на реакциите на велешката јавност Министерството за заштита на животна средина и просторно планирање веднаш ја одзеде еколошката дозвола на каменоломот „Техно павер“ од Скопје за фабриката во Превалец. Иако инсталацијата е А и е во надлежност на Министерството за животна средина поради локацијата што се наоѓа на територија на општина Велес како Градоначалник сум должен да ги превземам сите мерки за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните. Доколку сопствениците на компанијата продолжат да работат без дозвола со граѓаните ќе се организираме и ќе реализираме акции за спречување на работата,“ рече Коцевски.
По денешната работа на каменоломот граѓаните очекуваат помош од општината и реализација на ветеното. Тие додадоа дека добро знаат оти во фабриката работат нивни сограѓани кои остваруваат плата но побараа поддршка и од нивна страна во настојувањето да ги натераат менаџерите да воведат еколошки стандарди и максимално да се грижат за здравјето на граѓаните и заштита на животната средина околу фабриката. /У.Ј