Од петок 19 до недела 21 октомври – Фестивал на пита пастрмалиа и вино во Велес
Се подигнува бината за музичкиот дел на плочникот пред фонтаната на плоштад „Сармаале“ и се поставуваат шаторите под кои се местат штандови, маси, столици, пултови на дел од улицата „8 Септември“. Таму годинава ќе се организира манифестацијата посветена на надалеку познатата велешка пита пастрмалиа. Велес е подготвен да ги пречека сите гурмани на традиционалниот специјалитет што годинава ќе го подготвуваат мајсторите на пастрмалии на „Жито Вардар“, „ Баже Пити“, „Милениум“,„ Аркадија“, „Стара Деспина“ и пицерија „Пица тајм“ додека потребната количина на вино ќе ја обезбедат винариите „Шато Сопот“, „Тиквеш“ и „Стоби“.
Организаторот, Општина Велес, денеска соопшти дека на годинешната 14-та по ред манифестација посветена на надалеку познатиот велешки специјалитет, пастрмалиите ќе се продаваат по цена од 150 денари додека чаша вино ќе чини 30 денари како и дека годинава, по една деценија, неа повторно ќе и се врати хуманитарниот примат.
– На првиот ден ќе биде отворен мал Саем на рачни ракотворби на кој ќе учествуваат занаетчии и граѓански организации што ја негуваат традицијата на рачна изработка на сувенири. Целта на Саемот е да ја зајакне свеста за значењето на традиционалните производи и да ја промовираат хуманоста. На штандовите ќе биде поставена кутија за донации. Собраните средства ќе се искористат за помош на 14 годишниот Кристијан Андреев за итна операција во Турција. Нему му е потребна нашата помош. Кутии ќе бидат поставени и на сите штандови на компаниите кои ќе сакаат да учествуваат во акцијата. Како Градоначалник и јас од ставката тековни резерви ќе издвојам 50.000 денари за помош на Кристијан, рече Градоначалникот Аце Коцевски.
Градоначалникот ги повика сите граѓани според нивните можности да се вклучат во хуманитарната акција.
Во забавниот дел на годинешната манифестација посветена на велешката пастрмалиа нема странски пејачи, групи или турбо фолкери за кои во изминатите години беа трошени и по 50 илјади евра, додаде Коцевски, притоа споредувајќи го годинешниот вкупен буџет на манифестацијата чија висина изнесува 23.420 евра со еден лански концерт, на Здравко Чолич на кого му бил исплатен двојно поголем хонорар или близу 50 илјади евра.
– Верувам дека годинешната фестивалска програма обезбедува музика за сечиј вкус и за сите генерации како и дека ќе поставиме многу стандарди во организирањето на ваков вид на манифестации во Македонија со македонски изведувачи и без турбо фолк пејачи од соседството и од Македонија. Упатувам благодарност до сите спонзори на манифестацијата од бизнис секторот како и медиумски поддржувачи. Ги поканувам граѓаните на Велес и на Македонија да бидат дел од Фестивалот на пита и вино и заедно да ја промовираме нашата традиција, култура и хуманост, додаде Коцевски.
Манифестацијата годинава, во 16 часот ќе ја отворат, 90 деца од велешката градинка „Димче Мирчев“, балетските студија „Црни мачиња“ и Тони Андреев како и „Бабел трабел“. Потоа за добрата забава на гостите,во петок на 19 октомври, ќе се погрижат групите „Боеми“, „Виртуз“, „Баклава“ групата „Молика“ со вокалната интерпретаторка Анета, „Red Garden“, „Next time“ Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд.
Вториот фестивалски ден, 20 октомври, во претпладневниот и пладневен дел ќе настапат велешките претставници на културата и традицијата како што се Младинскиот Црковен хор „Свети Кирил и Методиј“, КУД „Керамичар“, Црковниот хор „Свети Великомаченик Пантелејмон“, групата „Безмент плус експеримент“ и Велешка Чалгија. Во попладневниот термин се до 1 часот по полноќ е резервиран за настапите на Нино Величковски и „Кумановски тамбураши“, „Оркестар Агушеви“ и Џамбо Агушев, Кристина Арнаудова, Владко Лозановски и Бени Шакири.
Во недела на 21 октомври, третиот ден, забавниот дел ќе започне во 14 часот со настапот на балетската група „Анабела“, КУД „Коле Неделковски“ и КУД „Вила Зора“. Потоа ќе настапат Велешка чалгија и Распеани Велешани и група „Зрак“ од велешките музички легенди. Од 16 часот до полноќ свој настапи ќе имаат „Чалгија саунд систем“, Ивона Јовановиќ, Александра Јаневска, Слаткаристика и Дарио./У.Ј