Социолог Маја Хеско: „Потребно ни е училиште за родители“
Училиштата во образовниот процес многу време посветуваат на теми како што се полово и меѓурелигиско почитување како и меѓуетничка толеранција наспроти меѓучовечко однесување, малтретирање и не почитување. Небулозно но вистинито, велат просветни работници, кои правејќи паралели помеѓу експонираноста на темите сметаат дека меѓучовечките односи, поточно меѓуученичките и односите ученик – наставник се далеку по приоритетни но за нив засега нема место во образовните програми.
Потребно ни е „Училиште за родители“, констатираше социологот Маја Хеско објаснувајќи ги причините и последиците на чувствителноста на последните три теми кои во образовниот процес треба да се третираат како надградба на домашното воспитување.
– Ако јас се прашувам потребно ни е Училиште за родители затоа што семејството е основа на воспитувањето. Денес вредностите се сосема поместени. Учениците ги знаат своите права кои ги имаат во училиште ама не ги почитуваат правата на наставниците. Кај учениците недостасува, ја нема, обврската кон правилата и одговорностите. Тие знаат дека наставниците не смеат да го повишат гласот, не смеат да ги удрат, да ги навредат но не и дека треба да го почитуваат наставникот, правила кои се воспоставени во системот а тие воопшто не ги почитуваат. Како нова манифестација на насилство е и ученичкиот булинг или малтретирање. Не дека не постоеле и порано благи навреди и подсмев кон ученици со помала самодоверба но она што сега се случува тоа е многу суптилна, прикриена и поткрепена со новата технологија тема што претставува страшна појава, рече Хеско.
Потсмевот, навредите и омаловажувањата помеѓу учениците кои се случувааат во училниците, ходниците и училишниот двор излегуваат и надвор од образовните институции благодарение на интернетот и социјалните мрежи. Тоа не е појава што се забележува само помеѓу учениците бидејќи на булинг се подложни и возрасните граѓани. Навредите, непочитувањето на достоинството, нетолеранцијатаи омаловажувањето се секојдневни примери. Тие стануваат масовна општествена појава која не смее да се занемарува.
– Како се зголемуваат проблемите кои се манифестираат во нашето заедничко живеење така се зголемува потребата од воспоставување на нови закони кои се единственото решение. Ако порано можеше да се влезе во нечиј фејзбук профил и да не се сноси одговорност сега со закон тоа може да се санкционира затоа што тоа е прекршок и се пријавува во полиција. Така мора и со булингот затоа што е многу суптилна и подмолна појава, додаде Хеско.
Ова се дел од темите кои младите на Локалниот клуб на СДСМ ги отворија на дебатата „Ние младите и нашите права“ што беше организирана по повод 10 декември – Денот на човековите права. /У.Ј