Доброволната работа повторно да стане дел од секојдневието на граѓаните, апелираат Акцијашите ветерани
Доброволната работа и поривот што постоеше кај младите луѓе во поранешната држава,Југославија, се вредности што треба повторно да ги воспоставиме во секојдневниот живот. Изградените автопати по кои и денеска се возиме, изградените водоводни и канализациони мрежи што ги користиме како и засадените дрвја кои израснаа во шуми во Македонија токму од страна на поранешни младинци – бригадири а сега веќе ветерани се добри практики кои се користат во повеќе развиени држави во Европа и во светот. Таму доброволната работа се нарекува волонтерство. Концептот е ист затоа што го практикуваат како младите така и возрасните граѓани во локалните заедници, констатираа акцијашите ветерани од Велес и од Скопје кои во саботата на 8 декември учествуваа во засадувањето на садниците багрем, јавор и јасика на Вршник.
Тодор Најдов со дел од акцијашите на РБ „Кочо Рацин“ – Велес
-Ми причини задоволство што се собравме старите бригадири учесници на Младинските работни акции во работните бригади кои нашиот град, Велес ги испраќаше на акциите во поранешната држава и дадовме придонес во подигнувањето на нова шума околу Велес. Секоја садница што денеска ја засадивме верувам дека ќе се зафане. Еден ден, по неколку години, ќе се формира шума која ќе им помогне на нашите сограѓани да дишат почист воздух. И очекувам повеќе вакви акции затоа што треба да се засадат садници на околните голи ридови како Вршник, Гроот и Свети Илија. Во нив и во младите луѓе кои ќе не поддржат во акциите ја гледам иднината на родниот град, рече акцијашот ветеран на РБ “Кочо Рацин“ – Велес, Тодор Најдов.
– По единаесет работни акции, првата „Мариово ’77“ јас од Скопје дојдов затоа што сакав да дадам личен придонес во пошумувањето на Велес. Бригадирка, се разбира ветеран, сум на ЗГ „Акцијаши“ од Скопје. Јас успеав да им го пренесам моето искуство на моите деца и тие сега се учесници на акциите што се организираат во Скопје. Горда сум кога констатираат „Мамо, дружењето и она што вие сте го правеле порано преку учеството на Младински работни акции е племенита работа“. Тие успеваат приказната да ја раскажат на се поголеми групи врсници. Така се зголемува нашето членство во здружението во Скопје. Особено ми годи кога тоа го прават знаејќи дека чистењето или уредувањето на површини, улици, паркови, дворни места во студентски домови е за нашите сограѓани. А кога по завршувањето на акциите, седнуваат и со гитара свират и пејат песни што ги сакаат, јас во нив се гледам себеси пред 40 години, рече бригадирката-акцијашка Виолета Николова.
Вера Николова и Рамче Сали
Тоа што масовно се шири појавата на повторно здружување на граѓаните, кои биле учесници на работни акции и знаат што е доброволна работа, во градовите ширум Македонија го поздрави и претседателот на Сојузот на акцијаши на Македонија, Рамче Сали.
-Скопје, Битола, Охрид, Велес, Штип, Куманово веќе формираа граѓански здруженија за доброволна работа. Има најави и од уште неколку други градови. Има вклучување на млади луѓе и мене тоа ме радува. Ако зад себе имам учество на 37 Младински работни акации јас сум подготвен моето искуство да им го пренесам на младите луѓе преку бројни примери кои дале резултати во заштита на животна средина, кога садевме дрвја, потоа изградба на патишта по кои и денеска се возиме. Така ние ги создадовме нашите работни навики. Тоа треба да биде цел на животот освен за себе да придонесеме и за пошироката заедница. Затоа дојдов и во Велес каде засадив садници за почистиот воздух на Велешани , рече Сали.
-ЗГ„Акцијаши“ од Скопје се формираше во 2013 година веднаш по охридското „Брег на младоста“ кое мораме да спомнеме дека е прво во Македонија. Ние дојдовме денеска од Скопје на покана на велешките акцијаши. Ги засадивме садниците и верувам дека на наша акција во Скопје ќе дојдат акцијашите од Велес. Значи продолжуваме. Од ден во ден сме се побројни. Како здруженија, кои од ден во ден се формираат, тие стануваат членки на Сојузот на акцијаши на Македонија. Секое здружение прво се става на располагање на сопствената општина а потоа и на државата. Верувам дека нашите акции ќе го привлечат вниманието на Министерството за заштита на животна средина со кое сакаме да изградиме партнерски однос затоа што има фронт за доброволна работа во скоро секое населено место во нашата држава, рече Сашо Јовановски од ЗГ „Акцијаши“ од Скопје.
На крајот од акцијата за пошумување во Велес, бригадирите ветерани, организираа заедничи состанок на кој се договори понатамошната соработка во Сојузот на акцијаши на Македонија. Средбата заврши со заедничка фотографија./У.Ј