Велешките калајџии од чие мајсторство светнуваа бакарните садови на домаќинките
„Калајлисувам тепсии, тавчиња, арании, ѓумчиња, котлиња, ајде калајџијата го отвори дуќанот“. Со децении секое утро во старата и на далеку позната чаршија во Велес се слушал гласот на големите мајстори кои особено пред Божиќ, Велигден и Прочка имале полни раце работа. На бакарот морало да сестави калај за подготвените јадења да бидат вкусни. Во тепсиите баклава да се направи, а во котлите од свинското месо да се приготват џмиринки. Во големите тави пекмез да се подготви. Со децении калајџиите биле најбараните мајстори во градот. Кога работата ќе „намалела“ во дуќаните калајџиите им ги калајлисувале садовите на жителите во селата Богомила, Горно Врановци, Јаболчиште, Чашка, Иванковци и други. Така било се додека времето не ги прегазило поточно се додека бакарните производи, како единствени садови во тогашните кујни, не ги замениле бронцените.
Велешките мајстори калајџии Илија Бутинов и Тоде Коцев
Свои дуќани, во велешката чаршија имале мајсторите Дончо Димов, Трајко Панов Цветков, Богдан Јанчев, Ладо Јанчев, Дичо Сердар, со брат му и Димче Ангелов. Во чаршијата полни раце работа имале и калајџиите Илија Бутинов, Димко Михајлов, Ристо Каров, Михајло Михајлов, мајстор Петре, на кого презимето не му го дознавме, браќата Диме и Никола Брзеви, Трајко Виткарот кој бил и калајџија и леар и Тоде Коцев со синовите Кочо и Петре.
Калајџиите на одбележување на Василица
По напорната работа калајџиите ги оставале црните алишта , се собирале и се дружеле. Особено секоја година на Василица, на Стара Нова Година, имале заеднички ручек. Имале кум, кој секоја година се менувал, оделе во црква и својот ден го одбележувале со песна, вино, ракија и богата трпеза.
Синот на мајстор Дончо, Киро Димов
„Калајџиите, во споредба со терзиите, ковачите и другите не беа многубројни. Но, од нивните раце, Велес живееше. Калајџискиот занает е тежок. Црн е. Нечист. Не дава да бидеш богат но и сиромав не те остава.За да работиш со калај, за на бакарот да го ставиш калајот и од стара да направиш нова тепсија, тава, ѓум, аранија било потребно мајсторство, умешност и вештина. Во исто време и мајстор и уметник да бидеш. Најнапред садот мора убаво да се ичисти, па да се загрее калајот и да се стави, да се измазни за да ги покрие сите делови од садот за да трае подолго време. И калајџискиот занает има многу тајни. Занаетот татко ми го научил од познат мајстор, а потоа ни го предаде нас, на синовите“, ни вели Кочо Коцев, син на мајстор Тоде Коцевски.
Тава за калајлисување
Во Велес денес нема калајџии. Заминаа во историјата. Времето ги прегази иако во по некој семеен подрум и денска се наоѓаат бакарните производи на велешани кои стојат како сувенири бидејќи нема кој да ги калајлиса за да се употребуваат. Технолошкиот напредок донесе други производи кои не бараат калајлисување. Но овие вредни велешки мајстори, оставија длабоки траги во секојдневниот живот на градот и затоа нивните имиња е потребно да се забележат и спомнуваат за да не се заборават. За нив да слушнат сегашните и по можност идните генерации.
Ако нечие име на мајстор од овој занает недостасува напишете го под овој текст и објавете фотографија што можеби сте ја сочувале во вашето калајџиско семејство или во вашиот дом.
Стоилко Андреевски