Училишните ходници во Велес, како модни писти !?
Секој со свој стил, секој во свој свет и со свои размислувања за облекувањето. Модниот тренд кај младите во училиштата е се повеќе актуелна тема низ училишните ходници. Некој негува сопствен стил, некој лежерен, но не сите сакаат да носат училишна униформа. Учениците од СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ и хемиското училиште СОУ „Димитрија Чуповски“ со поделени мислења за носењето униформи во училиште.
Тимот на „Читај и меѓу редови“ интервјуира гимназијалци
-Да, јас негувам сопствен стил и носам облека која ми се допаѓа бидејќи во неа се чувствувам удобно. Сепак јас сум за да се носат униформи во училиште за да не се чувствуваат социјалните разлики помеѓу учениците, рече средношколка од гимназијата.
– Јас сум против носење на униформи затоа што сакам да носам тоа што јас сакам и тоа што јас ќе го одберам, рече ученичка во гимназијата.
Тимот на „Читај и меѓу редови“ интервјуира средношлолци
– Ако морам би носела училишнa униформа но според мене подобро е да носам тоа што сакам, рече ученичка во хемиското училиште.
– Најчесто се трудам да носам тренди облека која што ми одговара. Јас сум за да се носат училишните униформи, бидејќи тоа ќе покаже дека сите деца се еднакви и тоа ќе ја намали дискриминацијата помеѓу нас, рече ученичка во хемиското училиште.
Ученици во дворот на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ и СОУ „Димитрија Чуповски“
Дел од нашата анкета беше и една од професорките во средното училиште „Димитрија Чуповски“ на која и ги поставивме истите прашање: „Дали средношколците негуваат личен стил на облекување и дали се согласува учениците да носат училишни униформи“ ?
-Да, мислам дека негуваат сопствен стил на облекување. Но јас сметам дека треба да се носат училишни униформи. Затоа што ќе биде полесно за децата и ќе бидат рамноправни. Кога велам рамноправни мислам дека родителите на некои деца можат а на некои неможат да си дозволат често купување на нова гардероба, марки и брендови поради што се создава социјална неправда.
Дека учениците треба да носат униформа се согласува и Бранка Донева, педагог во средното општинско училиште „Гимазија Кочо Рацин“. Таа смета дека тоа ќе ги намали трошоците на родителите.
-Убаво би било да се носат униформи во училиште. Причина за тоа е дека се намалуваат разликите помеѓу учениците и во тој случај учениците нема да се споредуваат во однос на облеката туку ќе се вреднуваат по квалитетите и резултатите што ги постигнува во образовниот процес. Важно е да се напомене дека униформата ќе го биде одраз дека тој ученик учи во гимназијата . Сметам дека учениците го градат својот идентитет и чувството на припадност на институцијата во која што учат односно училиштето и го почитуваат кодексот на облекување кој што и понатаму ќе им треба во животот како позитивна карактеристика на работното место, рече Донева.
Тимот на „Читај и меѓу редови“ истражуваше и откри дека училишни униформи, пред триесеттина години, се носеле во велешката гимназија. Тие се традиција на училиштата во повеќе европски земји како Франција, Германија, Австрија но и во Турција. Таму секое училиште има своја униформа која вклучува шапка, вратоврска, капут и чорапи. Учениците исто така го носат и училишниот амблем на униформата.
Текстот го подготви: Симона Мицева, ученичка во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“
Во подготовката на текстот помагаа: Андријана Арсовска, Еврипид Тасев, Александра Здравева, Бојана Василковска и Сара Таратакова, ученички во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“